Антиќ: Спортот на спортистите

„Спортот на спортистите“ е слоганот на Перо Антиќ со кој и официјално ја презентираше кандидатурата за претседател на МКФ. Антиќ заедно со своите најблиски соработници Тодор Гечевски и Владимир Георгиевски, а поддржан од бројни актуелни и поранешни кошаркари го презентира планот со кој македонската кошарка повторно би станала спорт број еден во Македонија и редовен учесник на Европските првенства.

Антиќ исто така најави и зголемување на квалитетот на екипите и нивно учество во европски натпреварувања, развој на младинските категории и намалување на трошоците за екипите. Само така Федерацијата би станала сервис на клубовите, а не обратно, како што е сега.

– Мора да почнеме од најглавното, обезбедување на генерален партнер на лигите, и на сениорските и на младинските. За таа цел сме во завршни преговори со компании, да застанат зад овој проект, но сакаме да почекаме да заврши Собранието. Тоа значи дека наместо клубовите да плаќаат котизација од 10.000 евра, тие ќе играат за награден фонд кој би се делел според пласманот. Имаме поддршка од поголем број кошаркарски федерации како што се руската, српската, турската, хрватската, грчката и други, со кои би организирале заеднички турнири и кампови, а тие би ни помогнале и на стручно ниво со тренерски семинари – вели Антиќ.

Една од замислите на Антиќ е и намалување на котизациите за младинските лиги, како и намалување на казните кои сега се превисоки.
– За младинските лиги планираме од стартот да биде уште помала котизацијата, бидејќи тоа намалување што го предлагаме ние, да биде насочено кон усовршување на тренерскиот кадар, инвестирање во подобри услови. Што се однесува до висина на казните, тоа мора да постои, но мора да бидат намалени, за да не излезе дека федерацијата живее од казните што ги плаќаат клубовите. Од тие пари, 50% би се префрлиле и на останатите здруженија за нивно полесно функционирање – додаде Антиќ.

Поранешниот капитен на македонската репрезентација се надева дека нема да има политички влијанија на изборот за претседател кој е закажан за 15 мај. Токму затоа кампањата на Антиќ и неговите најблиски соработници, Гечевски и Георгиевски е „Спортот на спортистите“. Најголема поддршка Антиќ и Гечевски имаат од поранешни и сегашни кошаркари како, Игор Михајловски, Тони Симиќ, Борис Нешовиќ, Душко Боцевски, Ѓорѓи Чековски, Марин Докузовски, Даниел Димевски, Благоја Георгивски Буштур, Тони Грнчаров.

– Политиката треба да биде надвор од спортот. Еве и актуелната влада ветуваше дека спортот треба да биде на спортистите. Нашата цел е со програмата да ги привлечеме клубовите да гласаат за нас, без никакво влијание од надворешни сили. Токму затоа нашето мото е „Спортот на спортистите“. На изборите ќе видиме дали ќе биде така – вели Антиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот