Антифашистички манифест: Централната пошта има главна улога во перформансот „Драга Републико“

По перформансите „Оваа зграда зборува (на)вистина“ (добитник на „Златна трига“ на Прашкото квадриенале) и „Универзална во пламен“ авторите Филип Јовановски, Кристина Леловац и Ивана Васева трилогијата посветена на модернистички згради во Скопје ја дооформија со „Драга Републико“ во Централната пошта.

Перформансот „Драга Републико“, во продукција на „Арт проект лаб“, е есеј за објектот на Телекомуникацискиот центар (Пошта 1) во Скопје, кој е еден од најрепрезентативните модернистички објекти во земјава. Преку повеќемесечен истражувачки процес, перформансот оформил комплексен, интердисциплинарен и поетичен јазик што се обидува да ги преиспита причините за товарот на денешницата и последиците од микро и макро скриените или видливи фашизми.

Тематски поделена во три чина „Република“, „Прослава“ и „Вечниот антифашизам“ создадена е приказна во движење, еден перформанс-есеј што треба да потсети на антифашизмот, на заедништвото, на борбата за слобода. За текстуалната предлошка на перформансот инспирацијата се темели на материјали од публикацијата „Биографија на едно архитектонско дело: Телекомуникациски центар Скопје / архитект Јанко Константинов“ од Јован Ивановски, Ана Ивановска и Владимир Десков од 2016 година, од Крушевскиот манифест, од Манифестот за АСНОМ до македонскиот народ, од судењето за пожарот во Пошта 1, од текстот „Вечниот фашизам“ на Умберто Еко, од книгата „Радикалност на љубовта“ од Сречко Хорват, како и од филмови на Пјер Паоло Пазолини и Нидал Маграби.

Фотографија: Драгица Николовска

Во развојот на перформансот учествувале визуелниот уметник Филип Јовановски, актерката Кристина Леловац, кураторката Ивана Васева и кореографката Викторија Илиоска, додека во неговата реализација се вклучени 15-ина актери и хористи изведувачи. Продуцент на проектот е Емилија Чочкова. Проектот е организиран со поддршка на Владата, а во рамки на јубилејот 30 години Независност.

Следејќи го добро утврдениот концепт на мултимедијалност, интердисциплинарност и акција во движење со перформансот „Драга Републико“ се упатуваат јасни и недвосмислени пораки, но и се бараат одговори на неодговорени прашања.

„Драга Републико, зашто не ни пишуваш? Со месеци се обидуваме да те добиеме, но никаков одговор не стига од тебе. Дали ја смени адресата? Ова е педесет и втори, и последен обид, драга Републико, после тоа ќе мораме без тебе. Потребно е итно да продолжиме напред, без сопирање, а како да го направиме тоа без твоето присуство?

Драга Републико, дозволи ни да почнеме со една приказна. Се случи на точно 52 години откако се разурна старата пошта, а на тоа место изградија нова, визионерска, со поглед кон твојата иднина. Но, таа нова идеја со визија за еден нов и поинаков град и едно друго општество, изгоре. А со неа изгоре и она што таа светска солидарност го поддржа – антифашистичкото наследство.

Фотографија: Драгица Николовска

Беше студен јануарски ден во Скопје 2013 година… Се слушна силна експлозија од внатрешноста на македонска пошта. Пожар избувна околу 16.30 часот во зградата на главната пошта во Скопје и ја зафати главната купола и беше опожарен највисокиот дел на поштата, од каде што се вивна пламен десетина метри. Пожарникарите со неколку возила ги спасуваа помошните згради, зашто имаше опасност пожарот да се прошири и на целиот град. За среќа, немаше повредени лица, а вработените во зградата навреме успеале да ги напуштат работните простории.

Рекоа: ’Пламенот ја уништи сета тендерска документација што потекнува од периодот од 2007 до 2010 година, а на таа документација не ѝ било извршено ревизија‘; но и дека ’Изгоре шалтер-салата, ама јас воопшто не жалам и онака беше за реновирање‘. Оваа наша Пошта, драга Републико, 53 години од првата варијанта на проектот, го нема замислениот карактер на јавен простор. Како што ја нема ни комуникацијата што ја замислуваше да ја остварува и како што се надеваше дека ќе постои како спомен на борбата против фашизмот. И над неа се надвисија темнини и маки, како и врз сите нас! Драга Републико, Духот на вечниот фашизам секогаш е тука!“

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 99, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 2-3 октомври 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот