Анорексијата може да доведе до драматични промени во структурата на мозокот

мозок
Фото: Pexels

Анорексијата е опасно и потенцијално смртоносно нарушување во исхраната кое има ужасно влијание врз телото. Сепак, една нова студија исто така го нагласува влијанието што недостатокот на соодветна исхрана може да го има врз мозокот, пишува „Science Alert“.

Студија спроведена на вкупно 1.648 скенови на женски мозок (685 со анорексија), собрани од 22 различни места, покажала намалување на дебелината на кортексот, субкортикалните волумени и површината на кортексот кај луѓето со анорексија. Во суштина, мозокот кај овие лица на некој начин се „смалува“.

Од исклучителна важност е оваа состојба да се третира што е можно порано во нејзиниот развој.

„За оваа студија, интензивно работевме неколку години со истражувачки тимови ширум светот“, вели психологот Естер Волтон од Универзитетот Бат во Велика Британија. „Способноста да се комбинираат илјадници резултати од скенови на мозок на луѓе со анорексија ни овозможи многу подетално да ги проучуваме промените што би можеле да го карактеризираат ова нарушување“, истакна тој.

Причините што ги предизвикуваат овие намалувања не биле опфатени во оваа студија, но тимот кој стои зад оваа студија сугерира дека намалувањето на индексот на телесна маса и количината на достапни хранливи материи веројатно има некаква врска со тоа.

Меѓутоа, има и знаци на надеж во истражувањето. Скенирањето на мозоците покажало дека третманите за анорексија, кои вообичаено вклучуваат когнитивно-бихејвиорална терапија, можат да „вратат“ некои од овие промени во мозокот.

„Откривме дека големите намалувања во структурата на мозокот што ги забележавме кај пациентите беа помалку забележливи кај пациентите кои веќе се на пат кон закрепнување“, вели Волтон. „Ова е добар знак бидејќи укажува дека овие промени можеби не се трајни. Со правилен третман, мозокот може да се опорави“, вели тој.

Иако научниците не се сигурни што точно предизвикува анорексија, знаеме многу повеќе за нејзините ефекти. Милиони луѓе ширум светот се соочуваат со ова нарушување. Тоа е една од водечките причини за смрт поврзана со ментални здравствени проблеми.

Како што ќе доаѓаат повеќе податоци од идни студии, научниците ќе можат подобро да разберат што точно го предизвикува ова намалување на волуменот на мозокот кај луѓето со анорексија и некои од невролошките механизми зад истото.

Засега е јасно дека колку побрзо се побара и обезбеди третман, толку подобро. Истите техники што се користат овде, исто така, може да се користат за мерење на ефективноста на третманот за оштетување на мозокот.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот