Анкета: Падна довербата на Европејците во АстраЗенека, во Британија останува стабилна

Фото: EPA-EFE/JOE GIDDENS / POOL

Довербата на Европејците во вакцината на АстраЗенека против Ковид-19 падна откако неколку земји пријавија несакани ефекти, како што се згрутчување на крвта, иако научни студии утврдија дека вакцината е безбедна и ефикасна.

Според истражување спроведено од Институтот „Југов” зголемен е бројот на Французи, Германци, Италијанци и Шпанци кои сметаат дека вакцината не е безбедна, иако тоа не влијаело на вербата во другите вакцини, на „Фајзер” и „Модерна”.

Во анкетата, спроведена меѓу 12 и 18 март, учествувале околу 8.000 луѓе во седум европски земји.

Вкупно 61 процент од Французите сметаат дека вакцината не е безбедна, 18 проценти повеќе отколку во февруари, а истото го мислат околу 55 проценти од Германците или 15 проценти повеќе отколку во февруари.

Во Италија и Шпанија, повеќето луѓе претходно сметаа дека вакцината на АстраЗенека е безбедна, 54 и 59 проценти, но тие стапки во последното истражување паднаа на 36 и 38 проценти, според Југов.

Само во Велика Британија довербата во вакцината е стабилна, покажа истражувањето. Повеќето испитаници, 77 проценти, сè уште велат дека вакцината е безбедна, во споредба со 79 проценти доверба во вакцината на Фајзер.

Европската агенција за лекови (ЕМА) ги испита извештаите за невообичаени нарушувања во крвта кај приматели на АстраЗенека и минатата недела соопшти дека придобивките од вакцината ги надминуваат ризиците и продолжува да препорачува нејзина употреба.

Во текот на март, неколку европски земји, вклучувајќи ги Франција, Германија и Италија, престанаа да ја користат вакцината откако Данска и Норвешка пријавија изолирани случаи на крварење, згрутчување на крвта и низок број на тромбоцити.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот