Анкета: Опаѓа рејтингот на Макрон

Рејтингот на извршната власт во Франција, откако накратко се зголеми минатиот месец на почетокот на рестриктивните мерки, сега се намалува. Шефот на државата Емануел Макрон забележа пад од два процента (на 38 отсто), а премиерот Едуард Филип од три отсто (на 41 процент), јави дописникот на МИА.

Според анкетата на БВА, за РТЛ и Оранж објавена денеска, 61 отсто од испитаниците дадоа негативно мислење за францускиот претседател, а 58 отсто за премиерот, со што нивниот рејтинг го достигна нивото од септември 2019 година.

Само 39 отсто од Французите сметаат дека, по здравствената криза, Макрон ќе ја промени својата политика во текот на последните две години од неговиот петгодишен мандат.

Речиси 41 отсто од анкетираните веруваат дека тој ќе го промени начинот на кој ја извршува претседателската функција.

На прашањето за еволуцијата на политиката на Емануел Макрон во текот на следните две години од неговиот петгодишен мандат, 41 отсто од анкетираните сакаат тоа „да не биде ниту повеќе кон десно, ниту повеќе кон лево”, додека 17 отсто одбиле да одговорат.

Сепак, една четвртина од испитаниците би сакале неговата политика да биде повеќе левичарски ориентирана (25 отсто). Само 17 отсто од испитаниците се залагаат за водење повеќе десничарска политика.

Видео на денот