Анкета на НДИ: СДСМ води пред ВМРО-ДПМНЕ, а Алијансата заостанува зад ДУИ

На прашање за кого би гласале ако изборите се одржат утре, најголема поддршка од 24,8 отсто добил СДСМ.

Речиси седум од 10 испитаници велат дека веројатно ќе гласаат, додека 41 процент изразуваат загриженост во врска со демократските стандарди на изборите, а 46 за здравствените мерки

Коалицијата на СДСМ и Беса „Можеме“ води пред коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ со 3,6 процентни поени, додека ДУИ има 1,5 процентен поен предност пред коалицијата на Алијансата за Албанците и Алтернатива, според анкета на Националниот демократски институт во Вашингтон, спроведена минатиот месец.

На прашање за кого би гласале ако изборите се одржат утре, најголема поддршка од 24,8 отсто добил СДСМ. Разликата во поддршката меѓу коалициите „Можеме“ и „Обнова“ во оваа анкета е поголема отколку разликата меѓу ДУИ и Алијансата за Албанците на Зијадин Села.

СДСМ, исто така, е партија која има најголема „благонаклонетост“ кај гласачите, иако генерално сите партии имаат поголем процент на „неблагонаклонетост“.

Од политичарите, најголема е наклонетоста кон лидерот на СДСМ, Зоран Заев, а потоа е Христијан Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ. Сепак, разликата меѓу нив двајцата, според процентот на (не)наклонетост е значителна.

Новата национална анкета на јавното мислење во Северна Македонија на НДИ е спроведена пред официјалниот почеток на кампањата за парламентарните избори на 15 јули. Таа покажува дека економскиот развој е приоритет на гласачите, како и дека тие остануваат загрижени за епидемијата на ковид-19.

Од почетокот на епидемијата, општиот впечаток на јавноста е попесимистичен, при што 44 проценти од испитаниците велат дека земјата се движи во погрешна насока. Во претходната анкета (март 2020), 33 отсто од испитаниците верувале дека земјата се движи во погрешна насока. Економијата/животниот стандард воопшто, а особено вработувањето се најважни за една третина од испитаниците.

Друга третина вели дека антикорупцијата и другите реформи во областа на владеењето на правото се нивен приоритет. Скоро една четвртина вели дека ковид-19 е нивната најголема грижа.

-Анкетата го отсликува основниот континуитет на јавното чувство уште пред епидемијата со ковид-19, особено за економскиот развој и антикорупциските реформи- истакна Роберт Скот Хејзлет, директор на НДИ-Северна Македонија.

Чувствата на гласачите за двете водечки партии/коалиции – СДСМ/Беса и ВМРО-ДПМНЕ остануваат во голема мерка непроменети од почетокот на епидемијата, со блиски конкурентни нивоа на јавна поддршка (девет проценти од гласачите се неопределени), се наведува во истражувањето.

-Гласачите во Северна Македонија точно ги знаат своите приоритети кои ќе ги одведат до гласачките кутии. При тесни избори, тие го проценуваат политичкото лидерство и партиските политики поврзани со владеењето на правото и економијата кои им се најважни-истакна Роберт Бенџамин, директор на НДИ-Централна и Источна Европа.

Речиси седум од 10 испитаници велат дека веројатно ќе гласаат. Четириесет и еден процент од сите испитаници изразуваат загриженост во врска со демократските стандарди на изборите, а 46 проценти изразуваат загриженост во врска со здравствените мерки за заштита, но за голем дел нив оваа загриженост е намалена поради најавените протоколи на Министерството за здравство. Педесет и шест проценти се многу или донекаде загрижени за тоа дека ковид-19 или дезинформациите во врска со изборите можат негативно да влијаат на изборниот процес.

-Чувството на јавноста е стабилно во однос на Преспанскиот договор од 2018 година, при што 58 проценти го поддржуваат или веруваат дека бил потребен. Една третина е против договорот. Големо мнозинство, речиси 75 отсто го одобрува членството во НАТО и влезот во ЕУ- се вели во истражувањето.

НДИ ја спроведе анкетата на јавното мислење на терен, преку интервјуа лице в лице, од 12 до 21 јуни, на национален репрезентативен примерок од 1 213 испитаници. Анкетата е со маргина на грешка од +/- 2,8 проценти и 95 проценти стапка на доверба. Податоците од анкетата, како што се наведува, не го предвидуваат изборниот резултат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот