Анкета на НДИ: Граѓаните веруваат во демократијата, но сакаат и „цврста рака“

Фото: ЕРА EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Речиси три петтини од граѓаните во земјава или 58 проценти ја преферираат демократијата како систем на владеење, но дури 72 отсто преферираат и демократско управување, но и владеење со „цврста рака“, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење на Националниот демократски институт (НДИ), посветено на теми поврзани со демократијата, владеењето, ковид-19, геополитиката и дезинформациите.

Резултатите од анкетата покажуваат дека иако граѓаните веруваат во демократијата, сепак се скептични дека се остварливи нејзините основни принципи, како што е владеењето на правото. Нешто над половина од анкетираните или 52 отсто сметаат дека има назадување на демократијата, а 64 проценти сметаат дека земјата се движи во погрешна насока.

Квалитетот на живот за 56 отсто од испитаниците е поважен од демократските стандарди, а како главни проблеми граѓаните ги посочуваат економијата и можностите за вработување (37 отсто) и здравствените услуги и КОВИД-19 (21 проценти).

Испитаниците изјавиле дека се „многу загрижени“ за состојбата со ковид-19 и иако имаат доверба во владините податоци поврзани со коронавирусот, сепак им даваат лоши оценки на државните институции за воведените рестрикции и за комуникацијата за време на пандемијата.

Недоверба во правосудниот систем имаат околу две третини од анкетираните, па така 67 отсто имаат недоверба во судството, 63 проценти во јавното обвинителство.

– Граѓаните немаат доверба во политичарите, а 53 отсто од испитаниците немаат доверба во „ниту еден политичар” и очекуваат власта да работи на подобрување на економијата и здравството, вели директорот на НДИ во Северна Македонија, Роберт Скот Хејзлет, додавајќи дека „загриженоста за политичката неказнивост и блокираните европски интеграции придонесуваат кон лошите перцепции за иднината на државата и нејзините демократски капацитети”.

Анкетата покажува дека иако поддршката за Европската Унија и натаму е голема, таа бележи намалување. Така, 67 отсто од испитаниците би гласале за членство во ЕУ на евентуален референдум, а 19 проценти би биле против. Во слична анкета во 2018 година, против членство на земјата во ЕУ биле само 10 отсто од анкетираните.

Поддршката за НАТО изнесува 63 проценти и е незначително намалена во однос на 2018 година, кога изнесувала 64 отсто, но од друга страна се бележи значително зголемување на противниците на Алијансата – од 9 проценти пред три години на 24 отсто во годинешната анкета.

Зголемено позитивно мислење граѓаните имаат за Турција и Русија, додека за САД и Кина тоа бележи намалување. Така, најдобро мислење анкетираните имаат за Турција – 52 отсто за разлика од 42 проценти во 2018 година, по што следува Русија со 48 отсто позитивно мислење, што е значително повеќе во однос на 32-та проценти пред три години. Позитивното мислење за САД изнесува 43 отсто, а за Кина 38 проценти.

Дури 87 проценти од испитаниците веруваат дека медиумите шират и дезинформации, а 68 отсто имаат доверба во социјалните мрежи и мнозинството се информираат преку Фејсбук, Инстаграм и Јутјуб, како и од пријателите, семејството и колегите. Но, иако социјалните медиуми се доминантен извор за информирање, граѓаните преферираат за политика да дискутираат лице во лице, а не во интернет просторот.

Истражувањето по нарачка на НДИ го спровел ИПСОС во март и април 2021 на репрезентативен примерок од 2410 испитаници, со маргина на грешка од плус-минус 2 отсто, преку телефонски и интернет анкети. Истражувањето е финансирано од страна на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот