Анкета на Агенција Рејтинг: Урбанистичкото планирање најголем проблем во Скопје, речиси половина од анкетираните задоволни од градоначалникот Шилегов и сработеното

Скопје, Камени мост/ Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

 Агенција Рејтинг во рамки на редовните истражувања за потребите на Град Скопје, спроведе анекта за задоволството на граѓаните од работата на градската власт. Во телефонската анкета, граѓаните на Скопје одговараа на прашања врзани за проблемите со кои се соочуваат, како и степенот на доверба во институцијата и градоначалникот, локалната управа и оценка за работата во поединечни области од ингеренција на градот.

Истражувањето е спроведено во периодот од 10 до 15 септември во вид на телефонско интервју на репрезентативен примерок од 1200 испитаници.

Анкетираните на прашањето „Дали работите во Град Скопје се движат во правилна или во погрешна насока?“ во најголем процент односно 43,5% од испитаниците одговориле дека работите се движат во правилна насока, 38,2% во погрешна, 13,5% ниту во правилна ниту во погрешна насока, додека 4,8% не дале одговор.

Извор: Агенција Рејтинг

На прашањето „Дали во локалната власт во Град Скопје имате доверба?, целосно или главно имаат доверба 45,7% од анкетираните, ниту имаат ниту немаат доверба 17,2% а главно немаат или воопшто немаат доверба 33,2%. Останатите 3,9% не дале конкретен одговор или одбиле да одговорат.

Извор: Агенција Рејтинг

Слични резултати има и одговорот на прашањето „Колку сте задоволни од работата на градоначалникот Петре Шилегов?“. Па така  46,3% од анкетираните рекле дека се целосно или главно задоволни од неговата работа, 19,5% проценти рекле дека ниту се ниту не се задоволни, додека 29,7% рекле дека се главно или целосно незадоволни. Преостанатите 4,5% не дале одговор на ова прашање.

Извор: Агенција Рејтинг

Граѓаните на Скопје во анкетата на Агенција Рејтинг како најголем проблем го посочуваат урбанистичкото планирање и уредување на градот, односно на прашањето „Кој е најголем проблем со кој се соочува градот?“, 19,2% го посочиле како прв проблем. Следи одржување на комуналната хигиена со 11,3%, инфраструктурата со 11,5% и проблемот со уличните кучиња кој како главен проблем го посочиле 8% до анкетираните.

Како најголем успех пак на градот во изминатите четири години анкетираните го сметаат вложувањето во инфраструктурата, реконструкцијата на улиците и булеварите како и градбата на новите мостови. Високи 29,7% од граѓаните ова го посочиле како најголем успех на Град Скопје, а следува подобрувањето на парковите и ново зеленило со 10,5%, набавката на нови Еко автобуси за кое 9,3% рекле дека е најуспешен проект на градот. Високо рангирани на листата се и изградбата на нови вело-патеки, уредувањето на кејот на Вардар, реконструкцијата на Универзална сала и вложувањата во Зоолошката градина и Дино паркот.

Со оглед на тоа дека завршуваат четири години од мандатот на актуелната локална власт во Град Скопје, со анкетата е измерена и перцепцијата за тоа дали општата состојба во градот е подобрена во последните четири години. Па така, со ставот: „Состојбата во Град Скопје во последните четири години е подобрена“, целосно или главно се согласуваат 52,5% од анкетираните, ниту се согласуваат ниту не се согласуваат 16,1%, додека воопшто не се согласуваат или главно не се согласуваат 27,4%, останатите не дале одговор односно не можеле да оценат.

Извор: Агенција Рејтинг

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот