Анима мунди до Чулев: Убијците на животни си тераат по свое без совест и без страв

Во време кога речиси цела држава дисциплинирано ги следи мерките и препораките со цел да се заштитиме од последиците на пандемијата од коронавирус, насилниците, убијците на животни си тераат по свое без совест и без страв, убедени дека никој не им може ништо, пишува во писмото од здружението Анима мудни, кое е посветено директно до техничкиот министер за врнатрешни работи, Наќе Чулев.

Интегрално ви го пренесуваме писмото до Чулев

Масовно труење на животните во Виница, поточно цели улици со мртви тела од убиени кучиња е слика која ги затекна граѓаните на 22.04., наутро кога завршил полицискиот час.

Нема да навлегуваме сега во нашите убедувања дека е просто неверојатно полицијата да не види, не знае ништо за случаи на насилство, кои се случувале буквално среде улица или среде бел ден, сега кога полициските патроли се распоредени на речиси секој агол; туку бараме веднаш да се пристапи кон истрага и да се најдат и казнат сторителите.
Настрана од споменатите труења, сведоци сме на бројни други случаи на насилство врз животните.

На располагање ги ставаме овие податоци / докази за мачење и изживување врз животнии и бараме итно најстрого да се казнат сторителите кои, и во периодот на вонредна состојба „слободното време” го користат за измачување на животни, кои благодарение на хумани граѓани и здруженија биле пријавени, но никаков исход нема:

– Лица oд Куманово организираат борби со шарпланинец– го пуштаат на друго куче (хаска) и поттикнуваат да го дави додека кучето жртва е врзано, преплашено, не се брани, а силеџиите се забавуваат и го снимаат делото. Истите го објавуваат видеото на сопствените фејсбук профили, воопшто не се ни кријат, а уште помалку плашат од законот. Случајот е пријавен во полиција на 06.04 но до денешен ден службена реакција нема. Пријавивме и во АХВ и бараме одземање на хаската која на деликвентите им служи како играчка врз која ги стимулираат и учат кучињата за борби.

– Во Пехчево среде бел ден, пред очевидци од кои повеќето молчат од страв, од чиста мира двајца браќа пукаат во локално куче. Кучето во болки и траума едвај успева да избега и, за среќа, е живо. Настанот е пријавен на 08.04, но од полицијата засега абер нема. Сторителите не се санкционирани за делото, шетаат слободни, убедени дека никој не им може ништо.

– Среде бел ден на лица, во време на вонредна состојба лица со стап тепаат ждребе, насилно приморувајќи го да влезе во гепек на возило. Регистрацијата на возилото е : SK 0305 AR и сторителите лесно може да се најдат, идентификуваат, казнат.

Не празни ветувања туку примена на законите и санкционирање на насилниците во пракса, тоа се нашите барања кои ги упатуваме вака јавно, зашто во институционалните лавиринти тие минуваат незабележано. Бараме полиција која ќе постапува; бараме истраги и правни завршници за случаите на насилство врз животните. Бараме да покажете подготвеност и професионалност, бараме насилството најстрого да се казни. Во спротивно нема да престанеме преку медиумите – јавно – да Ве потсетуваме на Вашите ингеренции и целосниот неуспех на работата на полицијата.

Анима Мунди и понатаму ги повикува граѓаните кои имаат сознанија за вакви или слични инциденти да пријавуваат во полиција, да ги контактираат или локалните здруженија за заштита на животни, го проследат секој можен доказ кој би помогнал ваквото грозоморие да запре.

Следењето на примерот на граѓаните кои пријавуваат е единствена надеж и шанса во иднина вакви злодела да нема.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот