Анѓушев: Релаксиран сум за најавените промени

Кочо Анѓушев/ Фото: МИА

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев денеска изјави дека сите државни функционери треба да бидат свесни оти еден ден ќе ја напуштат функцијата, посочувајќи дека е релаксиран во однос на најавената реконструкција во Владата.

– Чест е да се биде член на Влада, но исто така секој кој добил државна функција треба да биде свесен дека еден ден таа функција и ќе ја напушти и тука јас не гледам голема трагедија во сето тоа. Јас лично сум релаксиран по тоа прашање и мислам дека кој и да било да одговори на тоа прашање освен премиерот е несерозно и немам што да одговорам повеќе, изјави Анѓушев, одговарајќи на новинарски прашања.

Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, пак, во коментар дали смета дека ќе остане на министерската позиција истакна дека тоа е проценка која прво треба да произлезе од граѓаните и од политичките структури што се коалицииски партнер. Ќе биде испочитувана, потенцира, секоја нивна одлука.

Според Фазлиу, најважно да се применува владината програма, а промените се нормална работа во демократски развиени држави.

– Во државава имаме коалициска Влада која има цел да ја примени програмата што произлегла како договор помеѓу сите коалициски партнери. Целта е што подобро да се имплементира таа програма и секоја одлука што ќе биде преземена или добиена од страна на коалициските партнери ќе биде почитувана верувам од страна на сите министри затоа што ние сме во функција да ги имплементираме тие програми и да придонесеме за развој на државата, а не да коментираме кој ќе биде исклучен а кој не. Тоа се работи што се случуваат секогаш во демократски равзиени држави. Главно е ние да бидеме посветени додека сме на таа задача транспарентно и чесно да ја извршуваме нашата одговорност, рече Фазлиу, кој е дел од Владата како член на политичката партија НДП.

Премиерот Зоран Заев за почетокот на следниот месец најави реконструкција на Владата, со која што, како што вели, би биле опфатени најмалку тројца министри. Реконструкцијата на владиниот кабинет е дел од процесот за промени во целото општество што стартуваше поради резултатите од првиот круг на неодамнешните претседателски избори. Првите чекори беа преземени во рамки на владејачката СДСМ , каде беа разрешени сите 78 претседатели на партиските општински организации, по што вчера беа сменети и генералниот секретар и потпретседателите на партијата. За промените во Владата Заев минатата недела имаше средба и со коалицискиот партнер и лидер на Демократската унија за интеграција Али Ахмети.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот