Англиско финале и во Лигата на Европа (ВИДЕО)

EPA-EFE/WILL OLIVER

Англиските екипи доминираат во фудбалска Европа сезонава. Само еден ден откако Ливерпул и Тотенхем си закажаа финална пресметка во Лигата на шампионите, две англиски екипи ќе играат и во финалето на второто по квалитет европско натпреварување. Екипите на Арсенал и на Челси ќе играат во финалето на Лигата на Европа.

Арсенал и во реванш натпреварот ја совлада Валенсија, овој пат со 4:2 и со вкупни 7:3 обезбеди пласман во финалето.  Валенсија преку Гамеиро во 11. минута го отвори резултатот, но одговорот пристигна шест минути подоцна преку Обамејанг. Надежите за пресврт на шпанскиот тим ги урна Лаказет во 50. минута кога му донесе водство на Арсенал од 1:2, а до крајот на натпреварот уште два гола даде Обамејанг, додека Гамеиро повторно погоди за Валенсија.

Далеку поголема неизвесност имаше на натпреварот на „Стемфорд Бриџ“, каде Челси дури по подобро изведување на пенали успеа да се пласира во финалето. Рубен Лофтус-Чик во 28. минута му донесе водство на Челси, но Лука Јовиќ во 49. минута го израмни резултатот и го однесе натпреварот во продолженијата, каде и двете екипи имаа изгледни шанси но не успеаја да ги реализираат по што победникот мораше да се реши по подобро изведување на пенали.

Во пенал серијата, како подобар се покажа голманот на Челси, Кепа, кој ги одбрани шутевите на Хинтерегер и на Пасиенса, додека на спротивната страна Трап одбрани само еден пенал, на Аспиликуета.

Финалниот дуел помеѓу Арсенал и Челси ќе се игра на Олимпискиот стадион во Баку на 29 мај.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот