Англиски превод на книга од Иван Чаповски е промовиран во Мелбурн

Промоција на книгата од Иван Чаповски во Австралија / Фотографија: Марјан Стојковски

Романот „Тагата на Мајлс Френклин под Кајмакчалан“ на македонскиот автор Иван Чаповски на 27 април имаше промоција во Ридингс, Мелбурн. Романот е преведен на англиски јазик од Пол Филев.

Овој историски роман ја разгледува улогата на австралиските пацифисти во Првата светска војна, на начин што резонира со современите настани и улогата на фашизмот во глобализираниот свет. „Тагата на Мајлс Френклин под Кајмакчалан“ ја драматизира вистинската приказна на една од најпознатите романсиерки во Австралија, Стела Мајлс Френклин, со цел да го евоцира херојството на пацифизмот за време на таканаречената „Војна за крај на сите војни“.

Во 1917 година, Стела Мајлс Френклин, авторка на „Мојата брилијантна кариера“, се фрла во вртлогот на Првата светска војна, приклучувајќи се како медицинска сестра во Шкотската женска болница во близина на езерото Острово, во планините на Македонскиот фронт. Македонците се соочени со неверојатни загуби и присилно се регрутирани во странски војски кои се борат на нивна територија.

Преку својот роман Чаповски ги бележи надежите, страдањата и триумфите на угнетените и ги доловува превирањата на нацијата која е погодена од настани кои се надвор од нејзината контрола. Оваа фиктивна приказна за краткиот период од животот на Мајлс Френклин делумно се заснова на нејзините дневници и современи историски документи, поддржани со обемни проучувања од локалната историја и култура. Овој роман е лирска евокација на Македонија разурната од војна и писателка на раскрсница на нејзината уметничка кариера.

Иван Чаповски е наградуван македонски поет, публицист и автор на романи. Роден е во 1936 година во Воденско, Егејска Македонија, а неговата поезија веќе 55 години ги илустрира страдањата и триумфите на македонскиот народ во Егејска Македонија.

Романот „Тагата на Мајлс Франклин под Кајмакчалан“ е објавен за „Култура“ во 2004, а преведен е на англиски јазик за „Cadmus Press“ во 2020 година.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 127, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 7-8 мај 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот