Англиска екипа на европскиот трон – Слободен печат
СпортФудбал

Англиска екипа на европскиот трон

Утре на „Ванда метрополитано" во Мадрид ќе се сретнат англиските екипи на Ливерпул и Тотенхем, чии фудбалери ќе се борат за највредниот европски клупски трофеј

Фудбалската грозница го доживува максимумот, секогаш кога на програмата пристигнува финалето од Лигата на шампионите.

Ливерпул лани загуби во финалето од Реал, а годинава важи за фаворит во дуелот со Тотенхем, кој два пати беше совладан и во текот на натпреварите од Премиер лигата. Сепак, за тренерот на „црвените” Јирген Клоп тоа не би требало да има никакво значење во финалето.

– Го респектираме противникот како добар тим со неверојатна историја на игра во Лигата на шампионите оваа сезона. Тоа ќе биде тежок меч. Ги добивме двата натпревара во шампионатот, освоивме повеќе бодови, но сето тоа не се брои овде. Ако се потсетиме на домашниот натпревар, ние брилијантно го одигравме првото полувреме, но не и второто. Да не кажам дека бевме пет нивоа над нив. Сакам така да биде во финалето. Размислуваме за Тотенхем и што можат да направат. Тие ја менуваат тактиката често. Можеби три недели по претходниот натпревар, тие ќе имаат нов пристап во финалето. Кој знае? Ќе видиме. Мораме да бидеме подготвени за овој натпревар – изјави Клоп.

Во ланското финале Ливерпул доживеа голем удар, кога поради повреда од игра мораше да биде повлечен Мохамед Салах.

– Добиваме втора шанса за европската круна, играме второ финале во две години и можам да кажам дека расположението кај сите во тимот е далеку пооптимистичко од лани. За мене тоа е можност да го избришам лошиот спомен за повредата од Киев, ќе сторам се за да помогнам да стигнеме до трофејот – вели Салах.

Оптимизмот е на највисоко ниво и во противничкиот табор, откако беше најавено дека на утрешниот дуел ќе настапи најдобриот фудбалер на „петлите”, Хари Кејн.

– Кејн почна со тренинзи од петокот и саботата. Ситуацијата околу него е позитивна, имаме доволно време за уште повеќе да му се подобри состојбата. Веќе имам кажано многу пати, Кејн е многу важен фудбалер за нас и доколку се чувствува добро тој ќе игра во финалето. Уше е рано за да се прогнозира дали ќе биде стартер или ќе влезе во второто полувреме, но јасно е дека неговото присуство во екипата ќе биде голем плус за нас– истакна тренерот Маурицио Почетино.

Финалната пресметка ќе стартува утре со почеток во 21 часот, а по завршувањето на оваа средба Европа ќе добие нов шампион, по три годишната доминација на Реал Мадрид.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close