Ангеловски: Потребен е закон со кој ќе им се даде многу поголеми овластувања на пратениците

Зоран Ангеловски, директор на Оперативно – техничката агенција (ОТА) денеска апелираше да се донесе нов закон за контрола и надзор над безбедносните служби. ОТА ќе предложи  проект за дигитализација на судските наредби, затоа што има проблем и во начинот на кој судските наредби се доставуваат во институциите, процесот е спор, комплициран, сè уште одиме на ниво на заштита на „државна тајна” без никаква потреба, а тоа предизвикува проблем.

Ова е дел од забалешките упатени од страна на Ангеловски, директор на (ОТА) на денешната конференција „Реформите во разузнавачкиот сектор во Република Северна Македонија: постигнувања, предизвици и приоритети”, организирана од ДЦАФ.

Тој оцени дека за Собранието да ја преземе во свои раце надзорната функција врз разузнавачката заедница, потребен е закон со кој ќе им се даде многу поголеми овластувања на пратениците, кои со ангажирње на експерти ќе можат да направат реална контрола во безбедносните служби.

– Самиот закон е проблематичен во смисла дека е нефункционален. Системот за следење комуникации во изминатитие години има претрпено драматични измени. Ние се уште се држиме до тоа дека следење на комуникации е следење на нечиј телефон, а тоа одмна не е така. Модерните комуникации подразбираат комуникација преку интрернет, апликации на паметните телефони. Тие апликации не се поврзани со телефонски број и може да бидат преместување на различни уреди. Целиот тој нов систем на кој се одвиваат комуникациите бара нови предизвици, нова опрема, нови адаптирања на законот, затоа што и судовите и обвинителството, секако и надлежните агенции за следење на комуникации, ќе имаат потреба да ги преформулираат своите барања, рече директорот на ОТА.

Убеден е и вели со полна одговорност, дека за три до четири години мобината телефонија ќе ја доживее судбината на фиксната телефонија. Во тој дел, посочи, ќе треба измена на постоечката регулатива, адаптирање на Законот за следење на комуникации на овие потреби.

Ангеловски нагласи дека е потребна комплетна контрола, а не само во делот на тоа колку наредби се остварени, туку, како што рече, кои бореви се следени, начинот на кој ОТА е форматирана…  – Тој вид на контрола се уште недостасува, рече директорот на ОТА.

Информира дека ОТА има воспоставено систем и изградено процедури и внатрешна контрола, а на месечно ниво се вршат проверки.

– Но, реален доказ дека се е во ред немаме, затоа што контролите што во моментот се прават не се функционални. На овој начин на кој е поставена контролата, контролните механизми, реално контрола во ОТА не може да се направи, дециден е директорот на ОТА.

Како изгледа контролата врз ОТА, тој им појасни на присутните на конференцијата и им укажа дека доаѓаат во ситуација кога ќе дојдат пратениците во контрола, а се уште немаат ангажирано експерти, тие буквално, како што рече, не можат да видат ништо.

– Гледаме број на остварени комуникации, а тоа е податок што ОТА во согласност со комисијата го објавува на три месеци и ништо повеќе од тоа. Во ваква ситуација, дури и да ангажираат експерти, нема да бидат во сосотјба да остварат реална контрола, рече Ангеловски.

Во периодот од повеќе од една година од постоењето на ОТА, имало неколку парламентарни контроли, а предвидени се шест институции кои треба да ја контролираат работата на оваа агенција. Во изминатиот период контрола во ОТА имаат остварено една протоколарна посета од Граѓанскиот совет, три собраниски посети, една посета од Врховниот суд во однос на контрола на одредени броеви. Јавното обвинителство, Дирекцијата за заштита на личните податоци и Основниот суд, информираше директорот на агенцијата, се уште немаат остварено никаква контрола врз работата на ОТА.

И директорот на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски, кој учествуваше на конференцијата, е согласен дека е потребно да се донесе нова законска регулатива, но, нагласи, веќе еднаш треба да се почне со имплементација на она што е донесено.

– Познати сме како шампиони во донесување на зкоани, но не сме на завидно место на планот на инвна имплементација. Мислам дека, барем ние како АНБ сме спремни до крај и во целост да го имплементираме она што е последна зкоанска регулатива, а кога ќе се донесе нова, ќе работиме на имплементација на новата, рече Димовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот