Ангеловски: Ќе излеземе во поразличен тим против Казахстан

Македонската А репрезентација ја темпира формата за настапот на Европското првенство, а в петок ќе го одигра и вториот пријателски натпревар во Скопје, овојпат против Казахстан.

После ремито 1:1 со Словенија, избраниците на селекторот Игор Ангеловски се надеваат дека во победничка атмосфера ќе патуваат за Букурешт каде што ќе ги играат првите два натпревари од групата „Ц“ на ЕП против Австрија и Украина:

Денеска беше одржан прес во кој селекторот Ангеловски и репрезентативецот Елиф Елмас ги споделија своите размислувања во пресрет на утрешната средба која ќе стартува од 18.00 часот.

– Очекувам еден добар тест против Казахстан кој не е од типот на Лихтенштајн и Гибралтар. Тие одиграа 1:1 со Украинците кои се наши противници на Европското првенство. Ние на овој втор пријателски натпревар во Скопје кој ќе го искористиме како тренинг меч ќе излеземе со поразличен тим, но не во целост. Дел од играчите ќе бидат поштедени, други нема да добијат минутажа. Спировски тренираше и ќе настапи, Хасани има повреда на носот и ќе го пропушти дуелот – изјави Ангеловски.

Воедно стратегот на „црвено-жолтите“ додава дека денеска му истекува изолацијата на Енис Барди кој ќе продолжи со индивидуални тренинзи, а до моментот кога ќе добие негативен тест за ковид-19, ќе биде надвор од тимот, но се надева дека уште во текот на денешниот тим ќе им се приклучи на останатите репрезентативци.

ФОТО: Роденденско изненадување од фудбалерите за селекторот

Додатно треба да се дознае кои ќе бидат резервите на ЕП, а на кои 23 играчи ќе смета Ангеловски за континенталниот собир. Селекторот вели дека има време за тоа, може да се направи и ден пред натпреварите. Сите конкурираат за настап и се надева дека поради здравствени причини нема да биде принуден да менува нешто во тимот.

– Одиме на добар резултат и победа против Казахстан. Среќни сме што повторно навивачите се на трибините и нивната поддршка. Имаме искусна репрезентација, играме во квалитетни клубови, ветуваме дека ќе го дадеме максимумот со цел повторно да им донесеме радост на нашите навивачи. На Европското првенство одиме да се докажеме, свесни сме за притисокот и ги знаеме ривалите во групата – се зборовите на репрезентативецот на Македонија, Елмас.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот