Ангеловски: Фудбалерите заслужија да завршат на третото место во групата

Македонија утревечер (20.45 ч.) на Арената „Тодор Проески“ против Израел го завршува настапот во квалификациите за пласман на ЕП 2020. „Рисовите“ од претходно ги загубија шансите за едно од првите две места, но влогот во дуелот против Израел е третата позиција на табелата во Групата Г. За тоа да се случи потребно е Словенија да загуби на гостувањето во Полска, а избраниците на Игор Ангеловски да слават против Израел.

– Не постои притисок за освојување на третото место туку како мотив бидејќи со прикажаните игри во овие квалификации, фудбалерерите заслужија да завршат како трети. Нас математиките не нè интересираат туку само нашата игра, да влеземе тактички и психофизички подготвени. Ние одиме на победа, а колку ќе биде доволно ќе видиме, треба Полска да ја победи Словенија… Овие момци со одиграното во овие квалификации заслужија добар пласман – вели селекторот Игор Ангеловски.

Капитенот Горан Пандев кој не играше на средбата против Австријај поради температура и вирус, ќе биде потготвен за утрешната средба. Капитенот посакува со победа да се завршат квалификациите.
– Подготвен сум за дуелот со Израел, а дали ќе настапам зависи од селекторот. Сакаме да дојдеме до победа затоа што тоа многу ќе ни значи. Ќе биде одлично групата да ја завршиме на третото место, што би било најголем успех во нашата историја низ сите досегашни квалификации. Со игрите во овој циклус заслуживме да завршиме на трето место, затоа што одигравме добар циклус со само еден лош натпревар против Австрија на домашен терен. Сега секако сакаме да заокружиме со победа – изјави Пандев.

Селекторот смета дека нема тајни помеѓу утрешните противници.
– Доволно добро се познаваме со Израел, игравме и во минатите квалификации. Секој меч е посебен, но јасно е дека нивни главни адути се напаѓачите, пред сè Ерон Захави и Мунас дабур. Тој напад е доста опасен, но како тим имаат свои слабости, а ние ќе се обидеме да ги искористиме. Кога игра репрезентацијата сакаме поддршка, на последнит мечеви имавме полни трибини, а фудбалерите вратија на најдобар начин. Максимално подготвени и мотивирани сме да излеземе на терен и да ги израдуваме повторно нашите навивачи – изјави Ангеловски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот