Ангеловски: Елмас не заслужува да биде казнет!

twitter.com/sscnapoli

Селекторот Игор Ангеловски ја подготвува македонската А репрезентација за последниот настап во квалификациите за пласман на Европското првенство 2020 година во вторник од 20.45 часот против Израел на Националната арена „Тодор Проески“ – Скопје.

Ангеловски е свесен дека веќе се загубени шансите преку квалификациите да се обезбеди учество на ЕП, но втората опција која се смета за „полесна“ е онаа преку Лигата на нации и веќе плеј-офот кон крајот на март 2020 година каде што ни се потребни уште две победи за историски настап на континенталниот собир.

Веќе е познато дека ќе ги одмериме силите против Косово во полуфиналето на домашен терен, а во втората полуфинална битка ќе играат Грузија и Белорусија.

Во изминатиот период ја слушнавме информацијата дека нашиот талентиран репрезентативец Елиф Елмас не ја почитувал клупската наредба на Наполи да не дава изјави за медиумите додека трае војната на релација Аурелио де Лаурентис – фудбалери.

По тој повод се огласи Ангеловски во интервју за италијанските медиуми и кој смета дека нашиот фудбалски „Дијамант“ не заслужува да биде казнет:

– Серија А е тежок шампионат. Наполи има квалитет, но Јувентус ја брани титулата. Не е до мене да ја коментирам одлуката на Наполи, но верувам дека не е коректна. Елмас е професионалец и кога доаѓа на повиците на националниот тим, новинарите го прашуваат за неговото искуство во клубот и не кажа ништо погрешно. Одлуката не е коректна за мене, но Елиф ќе ја прифати со голем професионализам. Знам дека зборува за градот на Неапол, неговите луѓе и клубот, тој е многу среќен таму. Не мислам дека би повредил некого, тој е силно момче со јасен карактер. Но, Елиф е професионалец и како таков го има правото да зборува во националниот тим – вели Ангеловски, селекторот на Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот