Ангеловска: Со ребалансот се поддржуваат мерки за поголеми плати, поддршка на бизнисот и нови работни места

Повеќе пари кај граѓаните и силна финансиска поддршка за бизнисот за отворање нови работни места и исплата на повисоки плати, се целите на ребалансот на Буџетот за 2019 година што министерката за финансии Нина Ангеловска ги посочи пред пратениците на Пленарна седница во Собранието. Со ребалансот се алоцираат средства онаму каде што ќе има најголема ефикасност и каде што може да се постигнат поголеми ефекти.

– Од овој Ребаланс за граѓаните обезбедуваме поддршка за поголеми плати за вработените во приватниот сектор, поголеми плати за вработените во јавната администрација, повеќе средства за поддршка на активните мерки за вработување за невработените граѓани и конечно, за нешто помалку од три месеци првпат на граѓаните ќе им бидат вратени првите пари преку проектот мојДДВ. А ова не е единствената придобивка од овој проект, зашто преку мојДДВ граѓаните директно ја помагаат борбата за намалување на сивата економија, истакна минисерката, која првпат пред пратениците брани ваков документ, откако е избрана на оваа функција.

Како што посочи министерката, поставените цели за 2019 година целосно се насочени во функција на постигнување на клучните приоритети на општеството: повисоки стапки на раст на економијата, зголемување на продуктивното вработување, подигнување на животниот стандард на населението, постигнување на повисоко ниво на социјална правда и интензивирање на интеграциските процеси за ЕУ и НАТО. Притоа потсети дека веќе започна исплатата на зголеменити за пет отсто плати во јавната администрација, во здравството, во образованието, во градинките, во полицијата, културата, одбраната и во другите дејности во јавната администрација.

Вкупните приходи со измените и дополнувањата на Буџетот на Република Северна Македонија за 2019 година се планирани на ниво од 210,5 милијарди денари, додека вкупните расходи се утврдени на износ од 228,2 милијарди денари. Во овие рамки дефицитот останува непроменет во однос на планираниот со буџетот, односно е позициониран во износ од 17,7 милијарди денари, односно 2,5 отсто од БДП.

Ангеловска рече дека со измените е направена  реалокација на средства помеѓу буџетските корисници, намалување на одредени позиции кај капиталните расходи на буџетските корисници кај кои е евидентирана забавена динамика на реализација, особено кај проекти финансирани со странски кредитни линии, ревидирање на приходите кои буџетските корисници ги остваруваат на сопствените сметки, намалување на каматните расходи за 924 милиони денари, согласно континуираните напори на Министерството за финансии за намалување на каматните стапки на задолжувањето, обезбедување  средства за непречено функционирање на ново формираната Агенција за национална безбедност во износ од 99 милиони денари, обезбедување на дополнителни средства во износ од 560 милиони денари (а во првата половина на годината со реалокации се обезбедени уште 355 милиони денари) како директна поддршка во земјоделството и справување со болеста Африканска чума кај свињите, алоцирање на средства во износ од 183 милиони денари за Колекторски систем за заштита на Охридското езеро, како поддршка на напорите на централната и локалната власт за исполнување на препораките од УНЕСКО, обезбедување дополнителни средства во износ од 244 милиони денари за правосудниот систем, односно судството и обвинителството, со цел јакнење на финансиската состојба и решавање на прашањето поврзано со исплатата на надоместоците на вработените во овој ресор, 200 милиони денари зголемување на државната помош во Фондот за иновации и Агенција за странски инвестиции и поттикнување на извозот, алоцирање на средства за откуп на акции за целосна државна сопственост на АД ГА- МА, средства за поврат на дел од данокот на додадена вредност кон физичките лица во износ од 300 милиони денари, дополнителни 200 милиони денари за активни политики и мерки како поддршка на вработувањето, во кои е вклучена и новата мерка за поддршка на младите во производството, субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата во износ од 400 милиони денари, дополнителни средства за набавка на лекови за ретки болести и инсулин во износ од 193 милиони денари, како и алоцирање на дополнителни средства во износ од 660 милиони денари во Фондот за здравствено осигурување со цел непречено остварување на право на здравствена заштита и боледувања, како и поголем трансфер од Буџетот на Фондот за пензиско и здравствено осигурување од 815 милиони денари кон пензиските друштва од вториот пензиски столб, согласно месечните исплати за бројот на осигуреници, што во суштина го потврдува и трендот за зголемување на вработеноста.

Осврнувајќи се на реализацијата на вкупните расходи во Буџетот од јануари до септември 2019 година рече дека се реализираа во износ од 155,3 милијарди денари, што претставува 68 отсто во однос на годишно планираниот износ, односно раст од 8,1 отсто во однос на истиот период од минатата година.

Ангеловска рече дека редовно се сервисираа обврските на државата по основ на исполнување на правата за загарантирана социјална заштита на населението за чија намена се реализираа седум милијарди денари. Најголем дел од овие средства се парични надоместоци за социјална помош на граѓаните, права од областа на детската заштита, родителскиот додаток, како и други надоместоци за ранливите категории на граѓани.

За исплата на пензиите се наменија 42,1 милијарди денари, додека преку Агенцијата за вработување се реализираа средства во износ од 1,1 милијарда денари за исплата на паричен надоместок во случај на невработеност и 654 милиони денари за активни мерки за вработување.

За сервисирање на обврските по основ на камати се одвоени средства во износ од 6,5 милијарди денари, согласно амортизационите планови за домашно и надворешно задолжување, како и отплата на главницата за преземените обврски по кредити во износ од 10,2 милијарди денари.

Во периодот јануари-септември 2019 година остварен е дефицит на Буџетот на Република Северна Македонија во висина од 8,1 милијарди денари или 1,2 отсто од проектираниот БДП за 2019 година.

Пред пратениците министерката зборувајќи за остварените макроекономски движења и проекции рече дека растот на економската активност продолжи со посилен интензитет споредено со растот во 2018 година и изнесува 3,6 отсто и дека растот е резултат на позитивните остварувања кај сите дејности.

– Континуираното забрзување на економскиот раст во текот на 2018 година, како и позитивните поместувања во првата половина од 2019 година изразени преку поинтензивен раст на инвестициите, силна поддршка на потрошувачката врз економскиот раст, континуиран силен раст на извозната активност, засилено кредитирање на приватниот сектор, раст на активноста во градежништвото и индустријата, претставуваат реална основа за остварување на проектираниот економски раст за 2019 година од 3,5 отсто, рече Ангеловска.

За државниот долг на Република Северна Македонија рече дека на 30 јуни 2019 година изнесува 4.374,6 милиони евра, односно 38,4 отсто од БДП, додека јавниот долг изнесува 5.300,2 милиони евра, односно 46,6 отсто од БДП со што Република Северна Македонија е умерено задолжена земја.

Таа додаде дека вкупните потреби за финансирање во 2019 година изнесуваат 34 милијарди денари и дека ќе се обезбедат преку комбинација на задолжување во странство и на домашниот пазар на државни хартии од вредност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот