Ангеловска меѓу популизмот и храброста

Првиот вистински тест за секој министер за финансии за тоа какви политики ќе води, е неговиот прв буџет. Затоа е време за првата, кроки анализа на политиките на новата министерка Нина Ангеловска, која стоеше како потписник на ребалансот за годинава, но за првпат е креатор на целиот документ. Буџетот за 2020 година, кој ги дава насоките како ќе се трошат парите на граѓаните кои државата ги собира преку даноци и давачки, влезе во Собранието.

И очекувано, во година на избори, буџетот е изборен. Огромни средства ќе се прелеат кај граѓаните. Повисоки плати за администрацијата со акцент на образованието, здравството и одбраната. Повисоки пензии од 700 до 900 денари. Има субвенции ако фирмите ги зголемат платите од 600 до 6.000 денари, при што државата ќе ги плати придонесите за здравствено и за пензиско осигурување за покачената сума. Секако, за сево ова, парите се од Буџетот за 2020 година. Но, дали се ова автохтони политики на Нина Ангеловска? Ова ќе остане отворено прашање, бидејќи поголемиот дел од нив беа најавени од премиерот Зоран Заев кога го разрешуваше претходникот на Ангеловска, Драган Тевдовски. Ако на ова се додаде и тоа што Заев сакаше, но поради Антикорупциската комисија не стана и министер за финансии, може да се каже дека поголемиот дел од политиките Ангеловска ги наследи и требаше само да најде финансии и баланс за да ги спроведе овие мерки од нејзиниот ресор.

Но, ако не нè изненади со Буџетот за 2020, министерката Ангеловска изненади со две други работи. Првата е замрзнување на прогресивниот данок во наредните три години. Концептот кој беше предизборна перјаница на СДСМ во 2016 година за намалување на нееднаквоста, преживеа само 10 месеци. Прогресивецот се подготвуваше во втората половина од 2017 и 2018 година. Лично премиерот Зоран Заев страсно го бранеше воведувањето, а добар дел од новинарите и јавноста предупредуваа на опасностите од воведување две стапки, од 10 и 18 отсто. Ако се знае дека одлуката е донесена по направена анализа, која ја изготвија двајца еминентни познавачи на економијата и даноците, Марјан Петрески и Павле Гацов, а беше нарачана токму од министерката, оваа одлука може да се каже дека е нејзина. Исто така, Ангеловска го замрзна даночењето на капиталните добивки, односно дивидендите, како и даночењето на каматите на банкарските депозити поголеми од 15.000 денари. Ова е целосно напуштање на социјалдемократската матрица во економијата, која до стапувањето на сцена на новата министерка, Владата се обидуваше да ја наметне. Од самиот старт, Ангеловска е страотно оспорувана како личност која може да биде министерка за финансии поради полот и возраста, но најмногу ѝ се префрла(ше) што доаѓа од реалниот сектор, од бизнисот и дека нема познавања од макроекономијата и финансиите како нејзините претходници. Таа е претставник на новата генерација со кариера и пред политиката. Ангеловска е економист, доаѓа од услужниот сектор и е поборник на дигитализацијата на општеството и на економијата.

Интересен податок и за новиот Закон за данок на моторни возила, со кој ќе треба да се редефинира начинот како се плаќаат давачките при увоз на моторните возила. И овој Закон е во спротивност со едно ветување кое го дадоа министрите, а и премиерот за субвенционирање на увоз на постари, но поеколошки возила од тие што се возат во моментов низ државава. Но, ова беше неприфатливо за Ангеловска. Дали по сугестија на вицепремиерот Кочо Анѓушев, кај кого се побунија увозниците на нови возила, дали поради нејзин личен став, мерките за субвенционирање на стари возила не добија зелено светло. Добивме само Закон, со кој треба да поскапи купувањето нееколошки возила, а да го поевтини купувањето електрични. Ова е победа на Ангеловска, бидејќи директно ги запре предлозите на министерот за економија Крешник Бектеши за субвенции на моторните возила.

Оттука веќе се наѕираат политиките на Ангеловска. Таа немаше храброст реално да ги димензионира капиталните инвестиции и да ги намали на сума која ќе може да се реализира, односно да прекине да се проектираат капитални инвестиции од 400 милиони евра, а реално да се реализираат 200 милиони до 250 милиони. Немаше храброст и да димензионира Буџет за 2020, кој нема да биде изборен, туку реален и кој ќе има уште понизок буџетски дефицит од планираните 2,3 отсто од бруто домашниот производ и да го намали јавниот долг под сегашните 47,7 отсто, наместо да планира наредната година да го зголеми до 52 отсто од БДП. Но, сево ова е очекувано во изборна година.

Може малку да боли што СДСМ продолжува по стапките на ВМРО-ДПМНЕ за популистички буџети за да се купи гласачкото тело, но Ангеловска со два потега остави многу силен впечаток. Првиот е што не се пишмани и опстои на идејата да се лансира платформата отворени финансии. Оваа алатка овозможува да се следат исплатите од буџетот кон корисниците, но и кон физички и правни лица кои добиваат народни пари. Така се откри колку поранешната прва специјална обвинителка Катица Јанева добивала бонуси за доверливост (157.000 евра). Едноставно, за да молчи околу тоа што го слушала во бомбите. Оваа информација предизвика бес во јавноста, како што предизвикуваат и информациите за огромни исплати на буџетски пари кон лица кои биле блиски со актуелната или поранешната власт. Политички, ова му нанесува штета на СДСМ, но од аспект на следење на трошењето на буџетските пари и од аспект на подобрување на транспарентноста, ова е вистински чекор. Ангеловска не се повлече од него.

Таа во амандманската расправа за Буџетот за 2020 излезе со уште еден добар предлог за демократизација на општеството. Како одговор на обвинувањата дека Владата не прифаќа амандмани кои доаѓаат од опозицијата, таа предложи целиот процес да се дигитализира и да биде анонимен, односно да не се знае која партија или пратеници ги предлагаат промените на буџетските ставки. На собраниската Комисија за финансирање и буџет, министрите да се изјаснуваат на слепо, само врз основа на предложеното, а не и врз тоа кој е автор на амандманот.

Ова се основните елементи врз кои би можело да се извлече заклучок. Дали е добра или лоша министерка ќе знаеме по завршувањето на нејзиниот мандат врз основа на резултатите кои ќе ги испорача. Иако Буџетот 2020 е популистички, со цврстите ставови за отфрлање на субвенциите за возила и за промена на даночната политика на СДСМ, како и со идејата за натамошно отворање на Министерството за финансии, се наѕира дека Ангеловска знае што прави.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот