Ангеловска-Давидсе: Рамката за соработка со Светска банка се одвива со одлична динамика

Рамката за соработка со Светска банка 2019-2023 се одвива со одлична динамика, оцениле министерката за финансии Нина Ангеловска и извршниот директор на Холандската конституенца на Меѓународниот монетарен фонд и Светска банка, Кун Давидсе на нивната прва официјална средба што се одржа во Њујорк.

Според министерката Ангеловска, со реализацијата на проектите предвидени од четиригодишната Рамка за соработка во вредност од 420 милиони долари, ќе се инвестира во подобрување на конкурентноста на приватниот сектор преку инвестиции во инфраструктурата, развој на човечкиот потенцијал и поголема инклузија, како и во зајакнувањето на менаџирањето со јавните финансии и поголемата одржливост на енергетските извори.

– За нас, партнерството со Светска банка и поддршката што ни ја дава во развојот на нашата земја и нашиот пат кон ЕУ и НАТО, е од големо значење. Само со јасна стратегија и цел можеме на граѓаните да им понудиме подобри услови за живот, а Рамката за соработка е одлична основа за тоа, истакнала Ангеловска.

Извршниот директор на Холандската конституенца посочил дека земјата ја има неговата поддршка за што побрза имплементација на Рамката за соработка, а изразил и верба во капацитетите за нејзино спроведување.

Тој оценил дека Република Северна Македонија се движи во вистинска насока гледајќи го економскиот раст, намалувањето на невработеностa и останатите економски параметри кои укажуваат на стабилна клима за инвестирање.

Давидсе, како што информира Министерството за финансии, и ја честитал новостекнатата титула „жена на дигитална трговија” на министерката Ангеловска што таа ја доби во рамки на Годишното собрание на Обединетите нации. Воедно, истакнал дека го охрабрува фактот што во Република Северна Македонија се повеќе се гледа напор да се искористи потенцијалот на жените и дека ваквите заложби треба да продолжат бидејќи активната улога на жените на лидерски позиции е важна за раст на економиите.

На средбата се разговарало и за важноста на технологијата во сите процеси за прогресот на земјите. Од проектите кои треба да се реализираат од Рамката за соработка на средбата бил споменат проектот „Дигитална Македонија” кој е во подготовка и ќе овозможи пристап до висококвалитетни широкопојасни услуги.

Првите проекти што ќе се спроведат од Рамката за соработка се проектот за изградба и рехабилитација на локални патишта, проектот за унапредување на земјоделството и проектот за модернизација на пензискиот сектор. Нивната реализација ќе почне на почетокот на следната година.

На состанокот биле дискутирани и активностите што треба да се реализираат во рамки на Годишните средби на ММФ и Светска банка што ќе се одржат во октомври во Вашингтон. Во рамки на Годишните средби на ММФ и Светска банка, како што е најавено, говорник ќе биде и министерката за финансии на панел на високо ниво на тема „Иновативни пристапи за промоција на половата еднаквост во контекст на економските можности во Европа и Централна Азија”.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот