Ангеловска: Буџетот е во добра кондиција, јавниот долг е стабилен

Фото: Слободен печат

На прес-конференцијата во Владата, Ангеловска рече дека реализацијата на вкупни приходи изнесува 97 проценти и оти се очекува и годинава да има одлична реализација на приходната страна, а редовно се сервисира и расходната страна.

Министерката за финансии Нина Ангеловска денеска порача дека Буџетот е во добра кондиција и оти финансиите се стабилни. Апелираше до политичките субјекти да се однесуваат одговорно и интересите на граѓаните да бидат пред политичкото поентирање и медиумското внимание.

На прес-конференцијата во Владата, Ангеловска рече дека реализацијата на вкупни приходи изнесува 97 проценти и оти се очекува и годинава да има одлична реализација на приходната страна, а редовно се сервисира и расходната страна.

– Иднатата година имавме добра динамика на наплата со реализација на проекцијата за вкупни приходи од 97 проценти, на ДДВ-то од 100 отсто, додека на придонесите од 101,2 посто. Очекуваме и ќе настојуваме и годинава да имаме добра реализација на приходната страна, нагласи Ангеловска.

Таа посочи дека ќе продолжи редовната исплата на пензиите кои ќе бидат и зголемени, а ќе бидат исплатени и повисоки плати во образованието и здравството. Старите долгови редовно ќе се исплаќаат, а аукциите на државните хартии од вредност се одвиваат согласно однапред утврдениот календар. Јавниот долг е стабилен и изнесува 47,7 проценти.

– Расходната страна на буџетот се сервисира редовно и согласно законските рокови декемвриските пензии се исплатени навремено, а веќе од следниот месец пензионерите ќе добијат повисока пензија за 700 денари со исплатата на јануарската пензија. Во буџетот се обезбедени средства за покачувањето и обврската ќе се сервисира уредно и навремено. Со редовното усогласување на пензиите, пензиите ќе се усогласат за уште 160 до 200 денари што значи дека во 2020 година, пензиите ќе пораснат за околу 900 денари. Со ова покачување во 2020 година, просечната пензија ќе изнесува околу 15.500 денари, или за три години просечната пензија ќе се зголеми за вкупно 1.746 денари, соопшти Ангеловска.

Следниот месец, информира таа, ќе се исплатат и повисоки плати за 10 проценти на околу 20.000 вработени во основното образование, осум илјади во средното, 4.500 во високото образование и 220 вработени во научните институции.

– Вкупното покачување на платите во основното, средното, високото образование и во науката, ќе изнесува 20,6 отсто, имајќи ги предвид претходните две покачувања. Во март, пак, ќе се исплатат повисоки плати во здравството и тоа платите на лекарите специјалисти се зголемуваат за 25 посто, додека пак на медицинските сестри за 10 проценти. Кумулативно, со претходните зголемувања, основната плата на лекарот специјалист ќе биде повисока за 40 отсто, а на медицинските сестри помеѓу 20 и 23 посто, наведе Ангеловска.

Таа вели дека благодарение на мерката за субвенционирање на придонеси на фирмите кои ќе ја покачат платата на вработени до шест илјади денари, 8.200 фирми во ноември им ја покачиле платата на 47.200 вработени, додека во декември 22.600 фирми ја искористиле мерката за да им ја покачат платата на 114.000 вработени. За покачување на платите на овие лица, информира таа, се субвенционираат со 256,5 милиони денари (4,2 милиони евра) придонесите од страна на државата (исплатени 238,8 милиони денари или 3,88 милиони евра).

До крајот на месецот, како што најави таа, треба да биде готова и платформата за јавен долг која ќе овомозжи јасен преглед на целокупниот долг.

Министерката соопшти дека на 29 јануари ќе ја исплатат втората рата од ПБГ заемот од 2013 година од 155 милиони евра кои доспеваат во јануари. Кон крајот на годината, како што посочи таа, доспева и еврообврзницата од 2015 во износ од 2015 во износ од 180 милиони евра.

Според Ангеловска, со добра динамика се одвива и проектот за субвенционирање на платите, како и повратот на ДДВ кон фирмите. Само во првите 16 дена од месецов исплатени се 926 милиони денари поврат на ДДВ кон фирмите. Одлични резултати, како што рече Ангеловска, дава и мерката за поврат на ДДВ кон граѓаните. Нова исплата се очекува веќе следниот месец, а преку наградната игра која е надполнување на мерката, досега се доделени награди во вредност од 1,8 милини денари.

– Следниот месец ќе се изврши и повратот на ДДВ кон граѓаните од мерката МојДДВ за месеците октомври, ноември и декември во 2019 или околу 3,8 милиони евра. Во првите две тримесечја мерката има одлични резултати – 213 илјади корисници, 52,5 милиони скенирани сметки со промет од 26 милијарди денари, од кои е наплатен ДДВ од 2,8 милијарди денари. Преку наградната игра МојДДВ #МојаНаграда досега се доделени 1,8 милиони денари награди и тоа 340.000 денари дневни награди и 1,5 милиони денари за месечните награди од по 100.000 денари, соопшти Ангеловска.

Соработката со заменичката министерка за финансии во техничката влада, Ангеловска ја оцени како професионална, коректна и на солидно ниво.

– Имаме соработка во однос на проток на информации, рече Ангеловска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот