Ангеловска-Бежоска – Вујчиќ: Зајакнувањето на финансиската стабилност на нашиот регион е наш приоритет

Наш заеднички приоритет е секојдневно зајакнување на финансиската стабилност на нашиот регион и затоа заеднички работиме и ќе работиме на тоа во рамки на нашиот мандат. Во тој контекст, продолжуваме уште повеќе да разменуваме мислења и искуства и околу банкарската супервизија и регулатива, особено од аспект на спроведувањето на меѓународните стандарди и прудентните принципи.

Ова се дел од пораките коишто ги упатија гувернерката на Народната банка на Република Северна Македонија, Анита Ангеловска-Бежоска и гувернерот на Хрватската народна банка, Борис Вујчиќ на првиот дел од нивната средба денеска во Скопје.

Вујчиќ пристигна во дводневна посета на нашата земја на покана на гувернерката Ангеловска-Бежоска, со цел продолжување на разговорите во кои акцентот е ставен на засилување на билатералната соработка во рамки на склучениот меморандум меѓу двете централни банки. Веќе се разговара и за соработка којашто би се одвивала преку натамошна размена на мислења и искуства од областа на централнобанкарската статистика, на истражувањето и на економското моделирање, како и во сферата на платежните услуги и платните системи.

Вујчиќ оценува дека со спроведените реформи, со унапредувањето на регулативата и со проектите остварени во изминатиот период, нашата централна банка постигна забележливи резултати, применувајќи голем дел од најдобрите европски и меѓународни практики. Како што кажа тој, тоа е дополнителен мотив хрватската и натаму да биде партнер и поддржувач на нашата централна банка, особено во усогласувањето со највисоките европски стандарди.

Ангеловска-Бежоска му се заблагодари на својот колега за досегашната поддршка, особено во рамки на проектите финансирани од Европската Унија. Во тој контекст, двајцата гувернери разговараа и за проектот за јакнење на капацитетите на нашата централна банка на патот кон нејзино членство во ЕСЦБ, чија почетна конференција се одржа минатата недела. Ангеловска-Бежоска и Вујчиќ оценија дека овој проект во којшто партнери на нашата се централните банки на Германија и Хрватска е исклучително значаен, особено поради тоа што опфаќа четири клучни области од централнобанкарското работење. Како што беше кажано, тој ќе придонесе за унапредување на сликата и на регионалната централнобанкарска заедница.

Во натамошниот тек на посетата на гувернерот Вујчиќ, подетално ќе се разговара за сите сфери во кои може да се интензивира комуникацијата меѓу експертите од двете централни банки, во насока и на унапредување на централното банкарство во целиот регион.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот