Ангеловска-Бежоска: Силна финансиска регулатива за натамошно јакнење на финансиската стабилност

Анита Ангеловска-Бежоска
Анита Ангеловска-Бежоска / Фото: Народна банка на Република Северна Македонија

Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, како претставник на шесте земји од Западен Балкан во Одборот на Виенската иницијатива, учествуваше на две панел-дискусии во рамки на Годишната конференција на Виенската иницијатива, што годинава се одржа во Хрватска.

– Со оглед на недоволната развиеност на пазарите на капитал во регионот на Западен Балкан, банкарските системи се главниот надворешен извор на финансирање на корпоративниот сектор. Оттаму, солидната кредитна поддршка во текот на пандемијата им помогна на претпријатијата полесно да се справат со ликвидносниот шок со кој се соочија. За да се продолжи со кредитната поддршка на компаниите, што е особено важно кога се намалува фискалната поддршка, неопходно е одржување на капиталните и ликвидносните капацитети на банкарските системи, истакна гувернерката на првата панел-дискусија посветена на предизвиците на банкарскиот систем што ја водеше директорот за финансиски систем на Европската банка за обнова и развој, Франсис Малиг.

Таа посочи дека за натамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот систем, заедно со Министерството за финансии, ќе се продолжи со зајакнување на домашната регулатива и нејзиното натамошно усогласување со европската. За таа цел, како што нагласи, е подготвен и новиот Закон за финансиска стабилност, а се работи и на нов закон за решавање банки и нов закон за банките.

На втората панел-дискусија посветена на предизвиците на монетарните политики во регионот на ЦЕИ, што ја водеше потпретседателот на ЕБОР, Марк Боуман, гувернерката Ангеловска-Бежоска истакна дека една од научените лекции од глобалната економска криза е дека не треба да има прерано повлекување на поддршката за реалниот сектор, бидејќи тоа може да го забави процесот на закрепнување на економијата. Политиката што ќе ја води Народната банка во претстојниот период, како што подвлече Ангеловска-Бежоска, ќе биде насочена кон поддршка на економскиот раст, имајќи го предвид солидното ниво на девизните резерви и инфлациските движења.

– Сепак, просторот за реакција на макроекономските политики не е неограничен и оттаму, неопходно е да им се посвети поголемо внимание на структурните политики, коишто се клучни за зголемување на долгорочниот потенцијал за економски раст, посочи Ангеловска-Бежоска.

На форумот учествуваа гувернери на централни банки и првите луѓе на регулаторни тела, претставници на Меѓународниот монетарен фонд, Европската комисија, Европската банка за обнова и развој, Европската инвестициска банка, Светска банка, како и претставници од најголемите банкарски групации.

Виенската иницијатива е рамка за задржување на финансиската стабилност на земјите во развој во Европа, формирана како одговор на Светската финансиска криза.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот