Ангеловска-Бежоска – Сера: Транспарентноста на Народната банка е основа за кредибилност на политиките и макроекономската стабилност

Анита Ангеловска-Бежоска и Емилио Лоренцо Сера
Анита Ангеловска-Бежоска и Емилио Лоренцо Сера / Фото: Народна банка на Република Северна Македонија

Активностите за поголема транспарентност што постојано се преземаат од Народната банка, придонесуваат за кредибилитетот на политиките коишто ги води Народната банка, како и за стабилноста на финансискиот систем, беше речено на средбата помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и амбасадорот на Кралството Шпанија во земјава, Емилио Лоренцо Сера.

Амбасадорот Сера истакна дека го поддржува транспарентното работење на Народната банка и информирањето на јавноста, особено во делот на макроекономските показатели и проекции и движењата во банкарскиот систем, како основа за појасно разбирање на макроекономските состојби во државата.

На средбата, гувернерката се осврна на економската состојба оваа година, при што посочи дека олабавената монетарна политика придонесува за закрепнување на економијата.

– Во првата половина од оваа година е остварен раст од 5,2 отсто што речиси во целост се совпаѓа со проекциите на Народната банка (5,4 проценти). Согласно последните макроекономски проекции, очекувањата се дека економската активност ќе се врати на преткризното ниво од почетокот на 2022 година, рече Ангеловска-Бежоска.

Според неа, мерките на Народната банка овозможија намалување на цените на кредитите и постојан кредитен раст во текот на пандемијата. Банкарскиот сектор досега добро се справува со ризиците од пандемијата и е подготвен да им одговори на предизвиците и во следниот период. Постепеното закрепнување на економијата, што е во тек, позитивно придонесува за одржување на макроекономската и финансиската стабилност и ги ублажува системските ризици. Сепак, неизвесниот карактер на корона-кризата наметнува потреба од постојана подготвеност и будно следење на состојбите, заради преземање соодветни мерки за справување со предизвиците.

На средбата се разговараше и за европските перспективи на нашата држава, при што беше оценето дека евроинтеграцискиот процес има потенцијал да придонесе за јакнење на институционалниот потенцијал и за спроведувањето на структурните реформи.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот