Ангеловска-Бежоска: Oва е прва криза каде првичниот одговор на нашата централна банка е олабавување, а не заострување на монетарната политика

Oва е прва криза во којашто првичниот одговор на нашата централна банка е олабавување, а не заострување на монетарната политика. На пример, за време на глобалната финансиска криза, понискиот прилив на капитал во македонската економијата и тогашната зголемена склоност на економските агенти кон еврото наметнаа зголемување на основната каматна стапка за да се стабилизираат очекувањата, но тоа доведе до пораст на каматните стапки на кредитите и забавување на кредитната поддршка. Овојпат е поинаку, зашто ковид-кризата ја дочекавме со високо и соодветно ниво на девизни резерви, посилни фундаменти на економијата и отсуство на нерамнотежи, што се гледа преку солидната надворешна позиција на економијата и умерената инфлација.

Ова меѓу другото го истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, на гувернерската панел-дискусија на е-конференцијата „Ковид-19: влијанието врз економијата и политиките на централните банки”, организирана од Лондонската школа за економски и политички науки и Банката на Албанија.

Во рамките на своето излагање, Ангеловска-Бежоска се фокусира на политиките на централните банки од регионот во текот на актуелната криза, осврнувајќи се и на ефектите постигнати досега, како и на предизвиците за монетарната политика за натамошниот среднорочен период.

„Со оглед на сериозноста на шокот предизвикан од пандемијата, со научените лекции од глобалната финансиска криза и со достапноста на веќе подготвениот неконвенционален пакет алатки, овојпат во регионот монетарната реакција беше побрза и посилна, а и подобро усогласена со фискалната политика.” – посочи гувернерката.

Коментирајќи ги ефектите од преземените монетарни мерки, Ангеловска-Бежоска нагласи дека меѓу другото, придонесоа да не се зголемат трошоците за финансирање, односно каматните стапки и натаму се намалуваат, а се задржа и солидната кредитна поддршка. Притоа, кредитниот раст продолжи да расте стабилно во речиси сите земји од регионот, со просечна стапка од околу 6,2%, а во нашата земја, како што посочи гувернерката, дури и забрза и изнесува 7,3%.

Инаку, на панел-дискусијата покрај тоа што беше истакнато дека актуелната состојба како во глобални рамки, така и во регионот создава изразена неизвесност, особено заради времетраењето на здравствената криза, беше разговарано и за повеќе сегменти на кои носителите на политиките во регионот ќе треба да им посветат посебно внимание во следниот период. Притоа, беше нагласена и потребата од натамошно зајакнување на економските основи и на отпорноста на економиите од идни шокови, особено преку продолжување со структурните реформи.

Во рамките на е-конференцијата, гувернерката размени мислења со колеги од другите централни банки и за низа други актуелни прашања поврзани со економските предизвици од ковид-кризата, вклучително и за значењето и важноста на пристапот до девизна ликвидност во евра којшто на Народната банка ѝ беше овозможен од страна на Европската централна банка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот