Ангеловска-Бежоска: Очекуваме каматните стапки да одат нагоре, се прават обиди тоа да биде умерено

Анита Ангеловска-Бежоска/ Фото: МИА

Очекувањата се дека каматните стапки ќе одат нагоре, но се прават обиди тоа да биде умерено и да не се одрази значително кај населението и корпоративниот сектор, изјави денеска гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.

Одговарајќи на новинарски прашања по објавувањето на пролетните макроекономски проекции, гувернерката рече дека затегнувањето на монетарната политика се прави внимателно и умерено за да нема нагли промени кај активните каматни стапки.

– На глобалните финансиски пазари веќе одреден период има нагорно поместување на каматните стапки. Ние сме дел од глобалниот трговски и финансиски систем и тоа што се случува во глобалната економија, има влијание и кај нас. Оттаму, како централна банка почнавме со затегнување на монетарната политика, но тоа го правиме внимателно и поумерено со цел да нема нагли промени кај активните каматни стапки, рече Ангеловска-Бежоска.

Народната банка на двапати ја зголеми основната каматна стапка по 0,25 процентни поени и таа сега е на ниво од 1,75 проценти.

Видео на денот