Ангеловска – Бежоска: Народната банка го дава максимумот, вчерашната одлука може да даде значајни резултати

фото: Слободен печат/Д.Митрески

Со добра и ефективна имплементација на можностите од одлуката што вчера ја донесе Советот на Народната банка може да се постигнат значајни резултати, истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска во интервју за МТВ, во кое акцентот беше ставен на регулаторните измени со кои се овозможува поголема флексибилност за банките и штедилниците заради олеснување на финансискиот товар на корисниците на кредити.

Гувернерката во интервјуто се осврнала и на прашањето зошто не се примени мерка којашто би претставувала само пролонгирана отплата на ратите од кредитите во рок од три месеци.

– Ние работиме во рамки на нашите законски надлежности. Народната банка нема законска надлежност да пропише мораториум на наплатата на кредитите. Меѓутоа, ние го даваме нашиот максимум во однос на олеснување на финансискиот товар на засегнатите кредитокорисници. Тоа го направивме преку измените на одлуката со којашто се регулира управувањето со кредитниот ризик, појасни Ангеловска – Бежоска.

Таа се осврна и на можностите кои што се даваат со донесените измени на регулативата што е во надлежност на Народната банка.

– Регулаторните измени што ги донесовме даваат многу поповолни можности. Меѓу другото, се дава можност за измена на договорните услови со коишто обврските за плаќање на кредитите можат да се пролонгираат и за период подолг од три месеци. Но со неа не се дава само можност за пролонгирање на обврските, туку и за подобрување на условите – намалување на месечната рата, намалување на каматната стапка итн. Се овозможува широк спектар на поволности коишто ги дава одлуката што ја донесовме и тие имаат поширок опфат од оној што се овозможува само со замрзнувањето на обврските во одреден временски период, посочи гувернерката.

Во интервјуто што ќе се емитува на МТВ во вестите во дневникот на МТВ 1 во 17 часот, Ангеловска – Бежоска зборуваше и на низа други актуелни прашања.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот