Ангеловска-Бежоска: Монетарната политика останува релаксирана за поддршка на економското закрепнување

Фото: mia.mk

Препораката за монетарната политика во глобални рамки е да остане релаксирана за да го поддржи економското закрепнување, сѐ додека трае фазата на неизвесност, но и фазата во која пандемијата ќе биде ставена под контрола. И ние како централна банка ќе се водиме од ваквата препоракаама водејќи сметка и за специфичноста на нашата монетарна стратегија и одржувајќи го девизниот курс како номинално сидро.

Ова, како што соопшти Народната банка, го истакна гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, во своето обраќање на 25-тото Годишно собрание на Здружението на финансиски пазари – АЦИ Македонија што се одржа во петокот.

Во обраќањето, гувернерката посочи дека од март наваму, Народната банка интервенираше на девизниот пазар со продажба на девизи, но дека во последните месеци интервенциите се значително поумерени. Притоа истакна и дека девизните резерви се наоѓаат на високо и комфорно ниво што овозможува задржување на тековната релаксирана поставеност.

– Основната каматна стапка сѐ уште е во позитивна зона, а со тоа и маргината во однос на ЕЦБ останува позитивна. Сепак, со оглед на спецификата на нашиот монетарен режим, јасно е дека за нас не важи нултата долна номинална граница и оттаму и дополнителниот простор не е  неограничен. Ова се однесува и на емисијата на дополнителна ликвидност, којашто секако е алтернатива доколку е потребно, но до онаа точка до којашто тоа не би предизвикало притисок на девизниот пазар, нагласи Ангеловска-Бежоска.

Таа се осврна и на предизвиците поврзани со финансиските пазари во изминатиот период, како и на очекувањата за периодот што претстои.

Неизвесноста и ризиците за глобалните економски текови, но и за глобалните финансиски пазари останува невообичаено висока, имајќи ја предвид неможноста да се предвиди траекторијата на здравствената криза. Оттаму останува потребата и ние како носители на политиките, а секако и вие како пазарни учесници да бидеме внимателни при носењето на одлуките и соодветно да управуваме со предизвиците пред нас, порача гувернерката.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот