Анета Николова, доктор по ветеринарна медицина: Нешто околу проблемот со големиот број на напуштени кучиња

Покрај секојдневните проблеми, обврски, случувања, постојано се зборува и за оној горчлив и досега тешко менаџиран проблем со уличните, односно напуштени кучиња во земјава.

Ги има премногу. Напатени, гладни, честопати болни, повредени, тепани, бркани, стуткани во некое ќоше или собрани во група следејќи некоја женка во циклус. Таа е таа тажна и честа слика на нашиве улици.

Од една страна се оние кои се плашат од нив и не ги сакаат, па се постојани во изјавите дека треба да се уништат, убијат, тргнат од улиците…Од друга страна се оние кои ги жалат и кои прават колку можат оставајќи по нешто храна за нив надвор па се на мета на оние првите…Од трета страна се оние кои некако се организирале во здруженија, нашле донации, се поврзале со ветеринарите и активно спасуваат, хранат, лекуваат, сместуваат по пансиони, вдомуваат… Има и тука разни шпекулации околу мотивите, но тоа не го коментираме…Од четврта страна е градот, кој за жал…мирува некое време во однос на оваа тема.

Што се случува? Каде е проблемот? Зошто ова се случува? Од каде толку многу кучиња по улиците? Од каде толку немили настани поврзани со нив? Многу други прашања кои се неодговорени, нерешени.

Овој проблем има многу причини, но една и единствена е најважна и од таму доаѓа. А тоа е човекот! Како?

Сите тие улични кучиња таму стигнале од некаде, а ова се најчестите начини:

Напуштен миленик- тоа е здраво, добро нахрането куче кое директно се вбризгува во популацијата уличнии кое директно зазема место во потенцијалните кучиња за размножување.

Напуштено, несакано легло– цели легла на млади кученца скоро секојдневно се фрлаат на улица. Тоа е огромна бројка. И половина од нив да преживеат, за кратко време од само неколку месеци, бројката многукратно се зголемува. Да не ги споменувам ужасните слики како тие угинуваат на улиците од глад, студ, автомобили, болести…

Така наречени free roaming кучиња кои иако имаат сопственик, слободно талкаат во соседството и активно оставаат потомство на улиците. Се смета дека околу 75% од светската популација на домашни кучиња се вакви слободни талкачи. Додека проценката е дека во светот вкупно се чуваат околу 400 милиони кучиња. Замислете ја таа бројка.

Сите овие причини водат до еден проблем, а создателот на истиот е ЧОВЕКОТ.

Нелогично е да ги обвинуваме кучињата кога ние ги создаваме.

Како да се реши овој проблем?

-Основно и најважно е да се отпочне со активна едукација на целокупното население. ЕДУКАЦИЈА ЗА ОДГОВОРНО СОПСТВЕНИШТВО. Додека работев во Агенцијата за храна и ветеринарство бев активно вклучена во овој проект поддржан од ОИЕ и со моите колеги едуциравме деца на школска возраст. Неверојатен проект со неверојатни ефекти кај децата. Ова е јавен повик до заинтересирани кои би сакале да покренеме уште еден ваков проект и активно да работиме на него.

-Следна важна работа во решавање на овој проблем е масовна идентификација и регистрација на кучињата и на милениците воопшто. Доколку се има евиденција кој го напуштил тој миленик и следат казни, вакви моменти ќе има се помалку. Истово ќе помогне и при несакано губење или крадење на миленикот.

-Во однос на благосостојбата, важно е да се обезбеди следење на здравствениот статус на бездомните кучиња и масовна стерилизација и кастрација, како и вакцинација и проверка на можноста тоа куче повторно да се врати на улица. Доколку е здраво и социјализирано, може да продолжи да живее надвор, на местото каде што локалните жители го хранат.

-Доколку е неизлечиво болно, повредено или агресивно, да се најде соодветно сместување, лекување, ресоцијализација и слично.

-Да се отоворат повеќе шелтери со минимум квалитетни стандарди според правилник за престој на животни. Кај нас постои се и сешто.

-Активно вдомување на единки погодни за вдомување

-Функционирање на програмата „Фати, стерилизирај, вакцинирај, пушти“ која дала најдобри резултати ширум светот.

-Да се спречи неконтролираното одгледување, шверцот на кучиња, папи фармите и сите форми на неконтролирано производство на нови единки, каде не се води евиденција за нивниот здравствен статус и благосостојбата.

Само еден ваков целокупен пристап може да даде резултати ако сакаме да покажеме дека имаме капацитети, желба и љубов за помош на уличните напуштени животни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот