Анекс нема, ама има „акција“ за подобрување на односите

epa08872322 Bulgarian Foreign Minister Ekaterina Zaharieva (R) welcomes Special Representative of the Republic of North Macedonia for Bulgaria Vladimir Buckovski (L) in Sofia, Bulgaria, 09 December 2020. EPA-EFE/VASSIL DONEV

Официјална Софија ја прифатила македонската иницијатива да се усвои Акциски план за спроведување на Договорот за добрососедство и завчера на македонскиот владин претставник Владо Бучковски му доставила свои коментари.

Македонската влада минатиот месец го предложи овој Акциски план со кој треба да се врати довербата меѓу двете земји, но до завчера немаше никаков одговор од бугарската страна, која пак, викендов преку вицепремиерот Красимир Каракачанов испрати понуда до Македонија да се потпише анекс од 12 точки кон договорот. По средбата на Бучковски со министерката за надворешни работи Екатерина Захариева бугарското МНР не спомна ништо за анексот на Каракачанов, но затоа пак на тамошните медиуми им пренеле дека Бугарија на Бучковски му предложила акциски план. Од друга страна шефот на македонската дипломатијата Бујар Османи веднаш појасни дека „тоа што го добивме како одговор од Бугарија е всушност нивно гледање на нашиот Акциски план, односно размена на идеи по однос на тој план“, а додаде и дека „анекс од 12 точки не постои“.

Ружин: Добра подлога за решение после март

Без разлика чиј е предлогот за акциски план добро е што двете земји разговараат, сметаат аналитичарите. Професорот Нано Ружин, кој е поранешен амбасадор во НАТО. Тој вели дека до март нема шанси Бугарија да ја смени својата позиција, но разговорите мора да течат.

– Добра вест е што Македонија продолжи да преговара, со тоа се покажува дека „не сме мртви“ за разлика од времето со спорот со Грција кога тие преговори постојано беа прекинувани. И покрај ова раздвижување, кое е добро, јас лично сум скептик дека до изборите во март во Бугарија нешто битно ќе се промени. Македонското прашање веќе длабоко е дел од реториката во нивната кампања, политичарите оваа тема долго ја „топлат“ за да може наеднаш да го сменат мислењето или да направат отстапка. Сега ја свртеа играта со акцискиот план и тој план е добра подлога после изборите да се дојде до некакво решение. Добро е да здивнеме до март, но лошо ќе беше ако се прекинеше секаква комуникација. Бугарија е под притисок од ЕУ, таа пред Унијата себеси се правда со образложенија дека тие сакаат ама Скопје не сака решение и затоа мораме да продолжиме да разговараме со нив – вели Ружин за „Слободен печат“.

Тој смета дека потпишување на каков било анекс кон договорот не е добра идеја, туку со тоа „би настанал хаос“, а акцискиот план е солидна основа.

– Ние како јавност не сме информирани за содржината на тој акциски план, но претпоставувам дека во него има предвидени нешта што може побрзо да се спроведат, како и активности на среден и на подолг рок за реализација. По изборите работите за нашата евроинтеграција би требало да се поместат. Португалија можеби не е заинтересирана да го турка проширувањето на ЕУ високо на агендата, но тука е Европската комисија, која е премногу заинтересирана. Таа немаше многу успеси минатата година со кои може да се пофали. По усвојувањето на буџетот за кој имаше противења и по брегзит ЕК мора да се соземе, да се консолидира и да ја прошири својата геополитичка зона. Моќни сили туркаат кон проширувањето – вели Ружин.

План за спроведување на договореното

Бучковски по средбата со Захариева рече дека во следниот период работната група ќе ги разгледа коментарите од Бугарија и ќе биде изградена јасна позиција. Тој вели дека неговата улога како специјален претставник произлегува од напорите на македонската Влада да постигне решение во билатералниот спор со Бугарија и со тоа да се отстранат пречките за почеток на преговорите на нашата земја со ЕУ.

– Во тој контекст секоја моја службена комуникација со Софија е во функција на предложениот Акциски план од наша страна кој содржи конкретни чекори во делот за поврзување преку Коридорот 8, соработката во образованието, во енергетиката, културата, економијата, информатичкото општество. Сето тоа треба да создаде доверба меѓу народите, владите и државите. Без разлика на интензитетот на мои патувања и средби, очигледен е интересот на двете страни да не се дозволи замрзнување на односите или комуницирање само преку медиуми или посредници. Нашата блискост како два народи и две држави со заеднички моменти од минатото и заеднички погледи кон историјата не упатува и двете страни да преземаме чекори до наоѓање решение – изјави Бучковски за МИА.

Бугарското МНР завчера соопшти дека Бугарија предложила акциски план за соработка со РС Македонија во спроведувањето на Договорот кој се однесува на сите ресорни министерства, а се очекува да биде потпишан на претстојниот состанок на Заедничката меѓувладина комисија.

Министерот Османи појасни дека наредниве денови внимателно ќе ги разгледаат коментарите од Бугарија, за да видат што од тоа може да се реализира, а што може да биде спорно.

– Ако нешто корисно произлезе од последните четири месеци обиди за комуникација е јасната искажана позиција на Бугарија дека не ги спорат идентитетските прашања. Може да видите бројни изјави на бугарски официјални претставници кои тоа го кажуваат. Оттука треба да се почне дека ова прашање не е прашање на ревизија на идентитетските атрибути и дека историјата како предмет на историската комисија има за цел да ги коригира учебниците во двете држави што создаваат токсичност во амбиентот и да ги приближи двата народа, но не историјата како основа на идентитетските прашања. Во основа тука е и проблемот, во недоволното разграничување околу предметот што го третира Договорот за добрососедство. Сметам дека со тек на време се повеќе се разграничува ова прашање – рече Османи во интервју на „Телма“.

Тој најави дека следната меѓувладина конференција ќе се одржи во Скопје, откако двете страни ќе проценат дека има доволно материјал за да може да се состане и да усвои документи.

Пердју: Бугарија ја блокира Македонија со незначајни прашања

Прашањата за историјата и јазикот не се доволно значајни за да ги оправдаат непријателските односи меѓу двете земји. На крајот на краиштата, Северна Македонија е суверена земја. И ниту една држава не треба да има право да принудува друга нација да ја менува својата историја, порачува поранешниот амбасадор на САД во Бугарија и еден од ко-авторите на Охридскиот Рамковен договор во Македонија, Џејмс Пердју во интервју за „Дојче веле“.

– Националистите во Бугарија гледаа како Грција го користи своето членство во ЕУ за да изврши притисок врз С. Македонија. И тие одлучија да ја спроведат истата стратегија. Но, времето за малтретирање на Северна Македонија заврши – вели Пердју.

Тој додава дека историчарите и експертите треба да ги расчистуваат контроверзните точки со текот на времето, а во меѓувреме Софија треба да ја поддржи, а не да ја блокира кандидатурата на Северна Македонија за ЕУ. Според него, сè друго е кусогледо.

– Се чувствувам близок и со Бугарија и со С. Македонија. Мислам дека е грешка бугарската влада да го блокира процесот што ќе доведе до пристапување на С. Македонија во ЕУ. Напротив: Бугарија мора да биде бранител на членството на С. Македонија во ЕУ, а не противник, бидејќи влезот на С Македонија во ЕУ е дел од долгорочниот национален интерес на Бугарија – вели Пердју.

Поранешниот амбасадор на САД во Бугарија смета дека двете земји се природни сојузници, и дека долгорочен национален интерес на Бугарија е да има добри и партнерски односи со соседите во услови на заеднички демократски вредности.

– Членството во ЕУ го охрабрува ова. Бугарија и многу луѓе во Северна Македонија имаат заедничка историја и култура, но Бугарија е понапредната нација и има предност со членството во ЕУ во остварувањето на своите цели. Двете земји се природни сојузници и можат да работат заедно за просперитетна иднина, доколку им го свртат грбот на некои од помалку важните прашања – порача Пердју.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот