Анекс ли е, Акциски план или „катил ферман“ во 12 точки?

Владо Бучковски и Екатерина Захариева / Фото: EPA-EFE/VASSIL DONEV

Специјалниот пратеник на Македонија за Бугарија Владо Бучковски денеска треба да пристигне во Софија, каде ќе ги продолжи разговорите со бугарски политичари за можно одблокирање на процесот на преговори меѓу Македонија и Европската унија, објавија бугарски медиуми, а потврди македонското МНР. 

Во очи на оваа нова рунда разговори високи бугарски политичари пласираа информација дека Македонија добила анекс на договорот за добрососедство во 12 точки, кој Бугарија и го доставила на Македонија како услов да даде зелено светло за почеток на преговорите со ЕУ и чека одговор од Скопје.  Опозицијата во Македонија ја прозива владата на Зоран Заев да го потврди тоа што таа одамна го тврдела – дека Анекс постои, и да ја објави неговата содржина. Засега МНР повторува дека не станува збор за никаков анекс на Договорото за добрососедство, туку за Акциски план со конкретни чекори за подобрување на соработката кои треба да ја поправат климата меѓу двете земји.

Каракачанов: Чекаме одговор на анексот во 12 точки

Вицепремиерот и министер за одбрана на Бугарија Красимир Каракачанов во интервју за бугарската ТВ Нова викендов изјави дека Република Северна Македонија има шанса да добие датум за преговори со ЕУ во јануари или февруари, ако го потпише анексот од 12 точки што официјална Софија ѝ го доставила. Според него, Република Северна Македонија имала шанса да добие датум за преговори уште во ноември лани, но не сакала да го искористи тоа.

– Бугарија не стави вето, таа едноставно рече дека не се подготвени за датум за преговори. Бугарија е „за” проширување на ЕУ на Западен Балкан, но загрижува говорот на омразата против сè што е бугарско во Северна Македонија, кој се заснова на грубо и гнасно фалсификување на историјата – рече Каракачанов.

Тој потврди дека разговорите ќе продолжат оваа недела.

– Вистина е, разговаравме со господинот Бучковски, следната недела тој во улога на главен преговарач или медијатор повтроно ќе биде во Бугарија. Сè уште не сме го закажале состанокот, но дали ќе биде вторник или среда, некаде таму – рече Каракачанов.

Во соопштението на македонското МНР не се спомнува никаков анекс на договорот за добрососедство, на кој се повикува Каракачанов, туку упорно се зборува за тнр. Акциски план.

„Министерот за надворешни работи Бујар Османи оваа недела оствари комуникација со министерката за надворешни работи на Република Бугарија, Екатерина Захариева каде беше договорено претстојните денови да се разменат предлози од двете страни за Акцискиот план“, соопшти Министерството за надворешни работи.

Како што се наведува во соопштението, улогата на специјалниот претставник Бучковски е редовно да патува за Бугарија со цел следење на Акциониот план и поттикнување на соработката на линиските министерства.

Според МНР, целта на посетата на Бучковски е враќање на довербата меѓу двете земји и спроведување на Договорот за соседство и пријателство, кој беше потпишан на 1 август 2017 година. Во оваа насока очекувано е во наредниот период тој да оствари чести патувања на релација Скопје – Софија, информира МНР.

 Димитров: Да направиме пауза

Претходно вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров во интервју за МИА порача дека е добро разговорите со Софија да бидат ставени во мирување до завршување на изборите во соседната земја, закажани за март. Димитров вели дека политички чувствителни прашања потешко се решаваат во време на предизборие и кампања.

– Дел од бугарските политички сили можеби сакаат ова прашање и да го користат во кампањата. И не мислам дека ќе си помогнеме ако влеземе во таа приказна. Јас мислам дека е време малку да одмориме од овој проблем и, практично, од Бугарија. Мислам дека е време енергијата и времето што не ни е бесконечно, да ги инвестираме во средување на сопствениот двор. Тоа не значи дека треба да ги прекинеме разговорите со Бугарија, меѓутоа мислам дека фокусот треба да биде дома – рече Димитров. Тој додава дека, штом завршат изборите во Бугарија, Македонија треба да биде подготвена да го продолжи процесот, за како што рече, „да ги убедиме дека тоа што Бугарија го направи кога таа беше претседавач со ЕУ, односно тоа што успеа да го врати проширувањето на листата на приоритети на Европската унија, не соодвествува со ова што сега ни го прави“.

Мицковски: Ќе се извини ли Заев?

Тврдењата на Каракачанов викендов ги коментираше лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, според кого бугарскиот министер само го потврдил она што тој одамна го тврди – дека Софија доставила анекс на договорот за добрососедство. Мицкоски викендов на Фејсбук напиша дека според неговите информации Анексот е со исклучително лоши позиции за македонскиот идентитет.

„Пред три месеци, во „Само интервју” на Канал 5 телевизија реков дека постои Анекс на Договорот со Бугарија. Тогаш од Заев, неговите немоќни соработници и владината лажлива пропаганда бев нападнат дека ширам невистини. Денес, министер од бугарската Влада потврдува дека постои Анекс од 12 точки кој е даден до македонската Влада, а според информациите со кои располагам е со исклучително лоши позиции за македонскиот идентитет. Оттука, имам две прашања: првото, ќе се извини ли владата што ширеше лажни вести, и второто, што содржи анексот од 12 члена кој Владата го крие од очите на јавноста?“, напиша Мицкоски.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи вчера во интервју за Радио Слободна Европа повтори дека решението со Бугарија се бара во рамките на Договорот за добрососедство од 2017 година.  

– Секое излегување од договорот го прави проблемот конфузен, неразбирлив и од тука и констатацијата на премиерот (дека „не знае што е проблемот“ заб. на СП), очигледно чувството е дека се излегува од потпишаната рамка и тоа создава конфузија бидејќи не е во рамката. Само рамката го објаснува погледот и затоа сметам дека единствено решение, единствена формула е да се вратиме на начелото на договорот, но да најдеме механизми како да го направиме побрз, подинамичен за да создаде резултати – вели Османи.

Според Османи, се работи за различни очекувања во поглед на динамиката на остварување на Договорот.

– Ние мора да ги почитуваме договорите такви какви што сè, а тоа е обврска и за нас во случајот на Договорот за добрососедство. И тука предвидливост значи  забрзување на инфраструктурните проекти, на економската, културната, но и во забрзување на работата на Комисијата за историски прашања, меѓутоа не да се случи девијација на целта на комисијата –  вели Османи во интервју за РСЕ.

Османи: Нашиот поглед кон историјата е наследен од друг систем и мора да се менува

Нашите погледи кон соседите се изградени во еден претходен систем, а сега кога влегуваме во друг сојуз не може со истите очила да го гледаме светот, вели министерот Бујар Османи во интервју за Радио Слободна Европа.

– Погледите на општеството кон историјата се градат низ историјата. Нашите погледи овде се изградени во еден претходен систем, во еден претходен сојуз и тие погледи биле и антибугарски и антиалбански и антигрчки, затоа што тој поглед бил под плаштот на тогашниот државен интерес, на еден тогашен сојуз. Сега кога влегуваме во друг сојуз со други држави и во НАТО и во ЕУ, со Бугарија, со Грција, со Албанија, не можете со истите очила да го гледате светот. Но, јас велам не да се наметне нов наратив да го замени тој претходниот, туку да се прекрши, да се отворат ограничувањата, рецидивите останати, наследени од историјата, коишто се создадени под еден друг плашт на државен интерес, туку за првпат на погледот кон соседите, кон историјата да се создаде во Скопје, овде, од граѓаните на Република Северна Македонија – Македонци, Албанци, Турци и сите други – вели Османи. 

Тој додава дека тоа е дел од задачата на мешовитата историска комисија.

– Целта на Комисијата е да ги разреши историските дилеми во контекст на образованието, во контекст на надминување на стереотипите на Балканот во учебниците кои што ги гледаат народите како пријателски настроени и така ги учиме децата дека тука народите се непријатели и така тие треба после да го градат својот поглед кон соседот, но не историјата како прашање на идентитетот на народите, бидејќи прашањето на идентитетот произлегува од правото на самоопределување на државите и не е прашање на спор и мислам дека тука е клучната разлика. Тоа разграничување ќе се прави и мислам дека тогаш луѓето полесно ќе гледаат и на Комисијата и овде кај нас, помалку емоционално ќе ја сфатат улогата на комисијата. А јас мислам дека тоа е проблемот – емоциите. Каде што има емоции, нема рационалност. Нам сега ни е потребен рационален пристап, раздвојување на историјата како образовно прашање, версус историјата како идентитетски спор – вели Османи.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот