Андријана Цветковиќ е нов програмски директор на Интернационалниот филмски фестивал во Токио

Андријана Цветковиќ / Фото: МИА

На 37. Токиски интернационален филмски фестивал (TIFF) што ќе се одржи од 28 октомври до 6 ноември, оваа година по прв пат ќе биде лансирана нова натпреварувачка категорија посветена на филмови креирани од женски режисери и фокусирани на приказни во кои главна улога имаат жените. На чело на оваа иницијатива е д-р Андријана Цветковиќ, македонска жена лидер во полето на дипломатијата, претприемништвото и кинематографијата.

Цветковиќ, која има докторат по филмска уметност од Универзитетот „Нихон“ во Токио, беше првиот македонски амбасадор во Јапонија (2014-2018) и член на жирито на ТИФФ (TIFF) во 2021 година. Од оваа година таа е назначена за еден од трите главни програмски директори на фестивалот, при што ѝ е доверена одговорната задача со своето длабоко познавање на филмската уметност, социјалните теми поврзани со родовата еднаквост, да ја обликува насоката на новата програма.

Таа моментално служи како специјален советник на министерот за култура на Јапонија, Шун Токура, што дополнително го зацврстува нејзиниот статус како клучна фигура во креирањето на фестивалските политики и дискурсот на културната дипломатија.

„Со години наназад, филмскиот екран беше доминиран од приказни раскажани од претежно машка перспектива, со што публиката беше ограбена од можноста да навлезе подлабоко во некои аспекти на човековата природа. Но, со развојот на дигиталната технологија, филмското производство стана подостапно, што доведе до пораст на бројот на жени режисери, камермани, сценаристи и протагонисти. Оваа година, програмата на Токио интернационалниот филмски фестивал (TIFF) дава можност на овие нови гласови во филмот, славејќи ги нивните различни приказни и придонеси во светот на кинематографијата“, изјави Цветковиќ за новата филмска категорија на ТИФФ.

Новата програма на ТИФФ се очекува да привлече меѓународно внимание, особено што сите поголеми светски медиуми од Variety, ScreenDaily, Hollywood Reporter, и други веднаш ја пренесоа веста, дополнително зацврстувајќи ја улогата на фестивалот како платформа за промени во филмската индустрија.

Цветковиќ ја има тешката задача да избере седум од стотици филмови кои аплицирале да бидат дел од овој фестивал, кој е воедно фестивал од А категорија и е еден од најголемите и најпрестижните во светот. Дополнително, ќе се одржат симпозиум и специјална проекција со тематска дискусија кои ќе ги истражат улогите на жените во кинематографијата. Целосниот список на филмови ќе биде објавен конкрајот на септември, кога ќе биде презентирана целосната програма на ТИФФ.

Оваа значајна иницијатива претставува уште еден чекор напред во посветеноста на ТИФФ за родова еднаквост. Во 2021 година, TIFF стана првиот филмски фестивал во Азија што се приклучи на Collectif 50/50, меѓународна организација посветена на промоција на родова еднаквост во филмската индустрија.

Цветковиќ е глобално етаблирана како личност со особен придонес во промоцијата на женената во опшеството и лидерството. Во 2021 година, таа ја доби престижната награда WIN Worldwide Inspiring Woman Award, од светска организација за унапредување на жените WIN со седиште во Женева, основана во 1997 година. Освен македонски амбасадор во Токио Цветковиќ исто така била директор за Северна Азија за Групацијата Економист (The Economist Group), беше член на Управниот одбор на Британската стопанска комора во Јапонија, професор на Кјото Универзитетот и директор на бордот на повеќе мултинационални компании.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот