Андреја Богдановски, аналитичар: Чествувањето во Прохор Пчински е резултат на нормализацијата на односите помеѓу СПЦ и МПЦ-ОА

Андреја Богдановски, Фото: Фејсбук

Прашањето за чествувањето на Илинден во Прохор Пчински долги години претставуваше камен на сопнување во односите помеѓу Србија и Македонија и делуваше како своевиден годишен потсетник за важноста на меѓу-црковните односи во надворешната политика. Присуството на српскиот министер за надворешни работи Никола Селаковиќ како домаќин на чествувањето и изјавите кои беа дадени од Прохор Пчински сигнализираат дека Александар Вучиќ ќе продолжи со користење на признавањето на автокефалноста на МПЦ-ОА како дополнителен адут кој оди во прилог на зајакнување на српската надворешна политика во регионот и иницијативата „Отворен Балкан” – вели Андреја Богдановски, докторанд на Универзитетот во Бакингем, Велика Британија, каде што ги истражува движењата за автокефалност во Источна Европа и на Балканот.

За „Слободен печат“ Богдановски посочува дека од денешна перспектива и во светло на новите црковни поместувања далеку поинтересна за анализа е посетата на Прохор Пчински во 2004 година од страна македонската делегација предводена од тогашниот Претседател Бранко Црвенковски. Тогаш според него посетата кај голем дел од македонската јавност крена голема прашина токму заради не очекуваното појавување на владиката Јован (Вранишковски) кој во тој период беше Митрополит и егзарх на СПЦ во Македонија.

– Ваквиот расплет на настаните крајно ја алармираше македонската јавност како и самата МПЦ. Критиките кои во тој момент кружеа низ јавниот простор беа во насока на тоа дека присуството на Јован на чествувањето покрај македонскиот државен врв ги легитимира дејствувањата на ПОА, а со тоа и активностите на СПЦ во Македонија – вели Богдановски.

Според него по тогашната посета на македонскиот државен врв на Прохор Пчински прашањето за прославата на Илинден во манастирот беше сведено на табу тема заради крајно заладените односи помеѓу СПЦ и МПЦ-ОА.

– Српската црква со години ја условуваше прославата со барања поврзани со регистрацијата на Православната Охридска Архиепископија и прекин на државниот прогон кон оваа верска заедница. Во 2007 тогашниот премиер Никола Груевски го окфалификува барањето за дозвола кај српските власти за чествување на Илинден како „молење” и недостоинствена пракса која претставува срам заради неизвесноста околу тоа дали СПЦ ќе се смилува и ќе даде согласност или пак не – посочува Богдановски.

Според анлитичарот овогодинешното чествување за 2ри август со навидум сличен распоред на актери, се одржа во целосно поинаков црковно-политички амбиент пред се заради признавањето на автокефалноста на МПЦ од страна на СПЦ.

– Несомнено е дека нормализацијата во црковните односи помеѓу СПЦ и МПЦ-ОА се прелива постепено и во политичката сфера и во таа насока треба да се анализира и навидум глаткото чествување на македонската црковно-државна делегација во Прохор Пчински. Последниве месеци сведоци сме како историските одлуки донесени во мај годинава од страна на СПЦ и Вселенската Патријаршија во однос на канонскиот статус на МПЦ-ОА придонесуваат кон нормализација на црковните релации помеѓу МПЦ-ОА и соседните помесни цркви. Заедничките сослужувања на претставници на МПЦ-ОА изминативе два месеца во Грција, Србија и Косово (и обратно) се зголемуваат на интензитет и би требало да станат пракса што е впрочем и суштината на заедничирањето во православието – заклучува Богдановски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот