Андреј Јакимовски: Летово се враќам во репрезентацијата

 Нашиот талент минатата сезона дебитира во НЦАА лигата во тимот на Вашингтон стејт. Поголемиот дел од сезоната беше стартер за својот тим во САД, но, оттаму не го пуштија да игра во нашата репрезентација на квалификациите за ЕП. Тоа ќе се измени летово кога Македонија игра претквалификации за СП, вели Андреј

Андреј Јакимовски (20), еден од најголемите македонски кошаркарски таленти, минатата сезона дебитира во американската НЦАА лига, во тимот на Вашингтон стејт универзитетот. Дебитантската сезона мина успешно и во поголемиот дел крилниот играч беше стартер. Но поради обврските во тој тим не можеше да и помогне на репрезнетацијата во обидот да се квалификува за претстојното ЕП. Нашиот тим не се квалификува, а Јакимовски вели дека ќе добие дозвола за настап во македонската репрезентација на престојните претквалификации за СП 2023 во кои сме во група со Словачка и со Швајцарија, а ќе се играат во периодот од 11 до 28 август. Андреј е задоволен од дебитантската сезона во НЦАА лигата.

Фото: kfsm.mk

– Секогаш може подобро, но за дебитант имав многу добра минутажа (25, 2 минути по меч, најголема минутажа за дебитант во тимот н.з.). Кога видоа дека сум добар, речиси цела сезона бев и стартер, што е многу добро за прва година. Можев и подобро, но се надевам дека во втората сезона ќе имам поголема слобода во играта и ќе покажам и повеќе – вели Јакимовски, кој притоа истакнува дека неговиот тим игра во најдобрата конференција во НЦАА лигата.
Неговиот просек во првиот дел од сезоната беше над девет поени по меч, но последните мечеви ги играше повреден, па заврши со вкупен просек 5,5 поени и 4,1 скока. Инаку на девет меча имаше двоцифрен број поени, а на 19 меча беше стартер (од 25 вкупно).

– Во САД за една година напредував многу и психолошки и физички. Таму сум сам, без фамилијата и пријателите, тоа е тешко, но ме прави посилен психолошки. Посилен сум и физички, многу работам во теретана. Се работи и на техниката, но повеќе меѓу сезоните. Што се однесува до студиите, бев меѓу најдобрите тројца студенти во мојот тим. За момче што доаѓа од Европа, не е лошо. Студирам бизнис и маркетинг – вели Андреј, кој моментно е во неговата родна Крива Паланка. Набргу тој оди во САД, каде ќе започне со подготовките, а во август ќе се врати во Македонија за претквалификациите за СП 2023.
– Тренерот на Вашингтон стејт ми кажа дека за време на летово ќе ме пуштат да настапам за Македонија. Во нашата федерација ми кажаа дека очекуваат многу позначајна улога од мене во репрезентацијата. Не сакам да зборувам пред време. Ќе видиме – вели Јакимовски, кого не го пуштија од универзитетот да игра во завршницата на квалификациите за ЕП 2021, во кои бевме неуспешни.

– Тешко ми беше што не бев во нашиот национален тим за време на европските квалификации. Не можев да дојдам, затоа што по враќањето во САД требаше да седам две недели во карантин поради коронавирусот. Тоа беше во сезоната и требаше да пропуштам седум или осум меча, а тоа беше премногу. Жал ми е што за малку не се пласиравме на ЕП, но, се надевам на репрезентативен успех во иднина – вели Јакимовски.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот