Андоновски со фудбалерките на САД го освои бронзениот медал

EPA-EFE/Janerik Henriksson

Женската фудбалска репрезентација на САД чиј селектор е Македонецот Влатко Андоновски го освои третото место на олимпискиот турнир во Токио откако во мечот на бронзениот медал ја совлада Австралија со 4:3.

Репрезентацијата на САД која важеше за главен фаворит за златниот медал и во Токио пристигна како актуелен светски шампион загуби во полуфиналето од Канада со 1:0, но денеска Андоновски и неговите избранички се „извадија“ и дојдоа до медал.

Меган Рапино во осмата минута го отвори резултатот, но девет минути подоцна Австралија преку Кер дојде до израмнување. Сепак, до крајот на полувремето фудбалерките на САД постигнаа два гола преку Рапино и Карли Лојд за предност од 3:1. На стартот од вториот дел Лојд со својот втор гол ги реши дилемите околу победникот и освојувачот на бронзениот медал. До крајот на средбата Австралија единствено успеа да го ублажи поразот со головите на Форд и на Гиелник.
Во финалето кое ќе се игра утре ќе се сретнат Канада и Шведска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот