Андоновски: Опасно и штетно е да го забраниме Тикток, родителите и училиштата мора да водат сметка за децата

Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација/Фото: Слободен печат

Македонската влада не планира да ја ограничи употребата на апликацијата Тикток и покрај тоа што поради најновиот опасен предизвик „Супермен“ во болница со тешки повреди заврши десетина деца од Скопје. Министерството за дигитална трансформација будно ја следи состојбата во виртуелниот свет и работи на други модалитети со кои ќе едуцира и воспитува родителите како повеќе да внимаваат на своите деца и на содржините кои тие ги следат на социјалните мрежи. Забраната на Тикток не е решение, вели министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.

-Она во што би било опасно да влеземе е забрана на апликации. Како држава којашто се смета себеси за европска, за либерална, држава којашто верува во прогресивните вредности на ЕУ би било штетно да одиме кон целосно забранување на апликации затоа што ваков тип на предизвици утре можат да се појават на социјалната мрежа Фејсбук, Јутјуб, Инстаграм, ќе треба ли да одиме кон забранување на сите мрежи во државата, дециден е Андоновски.

Министерството за дигитална трансформација формира Центар за побезбеден интернет за деца кој ќе ги адресира и другите проблеми кои доаѓаат од изложеноста на децата на интернет како што е булингот кој е многу изразен и во сајбер сферата.

– Со поддршка од невладиниот сектор и од УКИМ и Универзитетот Гоце Делчев ќе изработиме плаформа на којашто ќе може да се пријавуваат вакви проблеми или вакви случаи и на коишто ќе можат да се даваат ресурси на оние коишто се сметаат дека се жртви на напад, на булинг на интернет за да можат да се справуваат со истата ситуација. Овој проект опфаќа и втора фаза со којашто ќе работиме со психолозите, социолозите во училиштата, со родителите за да им ги дадеме потребните ресурси како да си ги заштитат децата онлајн, вели министерот.

Тој смета дека е важно да се едуцираат родителите и да се води поголема сметка за воспитувањето на децата, зошто неретко возрасните немаат пристап и увид во онлајн содржините на кои се изложени децата кои се и креатори на содржини кои потоа стануваат вирални.

-Мислам дека многу повеќе треба да работиме со родителите. Имам чувство, да не ме сфатат погрешно, дека имаме недостаток на воспитување на младата генерација и заради тоа ни се случуваат овие работи. Затоа што социјалните медиуми се само платформа за споделување на овие информации. Информациите повторно потекнуваат од младите, од децата и од недостатокот на воспитување кај родителите. Затоа што ваков вид на предизвици имало и порано, кога луѓето се повредувале, но се споделувале на друг начин. Не се споделувале на социјалните мрежи. Она што работеле државите, општествата, работеле со родителите и со училиштата, вели Андоновски.

Министерот додава дека фокусот на владата и на ресорното министерство треба да биде на родителите и училиштата и затоа се формира Центарот за побезбеден интернет за деца.

-Она што се однесува до социјалната мрежа ТикТок ние внимателно ја следиме. Таму нивото на безбедност и заштита е пониско од останатите социјални мрежи, затоа и може да се споделуваат и вирални видеа коишто повикуваат на насилство, на омраза, на булинг и внимателно ја следиме и ќе се однесуваме онака како што се однесуваат државите од ЕУ. Гледам дека има некои тенденции во Шведска, ги следиме внимателно за да не направиме нешто што е чекор во насока спротивна на демократијата, но секако во заштита на младите, дециден е Андоновски.

Минатата недела 11 деца од Скопје беа примени во Градската болница со тешки скршеници настанати од имитирање на виралните видеа од Тикток предизвикот „Супермен“. Тие денови и во Романија дваесетина деца завршија во болница со тешки повреди, а соседна Албанија испрати предупредување до родителите да водат сметка за изложеноста на децата на интернет и за содржините кои ги прифаќаат. Повредени деца кои учествувале во ТикТок предизвикот имаше и во БиХ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот