Андоновски: Ако може да парадираат момче и девојка, зошто не и ние

Никој не кажува колку полицајци ќе бидат потребни за да ги заштитат учесниците на парадата

Под мотото „Вон ѕидовите“ денеска, со почеток во 10 часот, во Жена парк, во Скопје ќе почне втората Парада на гордоста. Учесниците на парадата ќе маршираат покрај Владата и до Школка во Градски парк, каде што ќе се одржи и прослава. Парадата ќе ја отвори годинешниот претставник на Македонија на Евровизија, Васил Гарванлиев.

Сѐ уште не се знае колку точно полицајци ќе ја обезбедуваат парадата. Од МВР велат дека МВР ги преземаат сите неопходни мерки и согласно анализите се ангажираат и соодветен број полициски службеници.

Програмски директор на ЛГБТИ Центарот за поддршка, Кочо Андоновски, во изјава за „Слободен печат“ вели дека веќе подолг период се во комуникација со МВР, каде што се пријавува и говор на омраза насочен кон ЛГБТИ заедницата.

– Со МВР сме во редовна комуникација. Подолг период течат комуникации, се пријавува на дневна основа говор на омраза, а со тоа се спречува понатамошен организиран напад. Колку точно полицајци ќе се грижат за редот на парадата не знам, а веројатно нема да знам ниту на денот на парадата, бидејќи голем дел од нив ќе бидат неуниформирани – вели Андоновски.

Тој очекува парадата да ја посетат околу 2.000 членови на ЛГБТИ заедницата и нивни поддржувачи. На реакциите на дел од јавноста дека не се потребни геј-паради, Андоновски одговара:

– Потребата од видливост на ЛГБТИ-заедницата е очигледна. Зависи што сметате дека претставува парадирање. Еве, на пример, надвор, на секои 50 метри се држат момче и девојка за рака. Дали тоа не е парадирање? Зошто да мораме да ја гледаме нивната сексуална ориентација секој ден, а некој не сака нашата сексуална ориентација да ја види барем еден ден во годината.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот