Андоновска: Тоа што Арсовска нема да даде оставка, значи дека не сака да прекине хаосот во градот

Предлог  – буџетот на Град Скопје за 2023 година треба да се донесе до крајот на декември, а на советниците да им се достави 20 дена пред одржување на седницата, за да имаат доволно време да го разгледаат. Досега тоа не е направено.

 Сѐ уште го немаме добиено предлог – буџетот и немаме најава кога тоа ќе биде. Претходно ова време веќе советниците го имале. Најдоцна до 10 декември треба да ни биде доставен за да можеме на 31 декември, што е исто така доцна, практично 5 минути до 12 часот, да го разгледуваме на седница. Верувам дека градоначалничката не сака да го закочи донесувањето на буџетот за наредната година и дека сепак навреме ќе го достави до советниците – вели Марија Андоновска, координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Советот на Град Скопје за „Слободен печат“.

Во однос на изнесениот став на градоначалничката Данела Арсовска дека таа нема намера да даде оставка, а доколку советниците одлучат дека не треба да поддржат функционален буџет за граѓаните, за реализација на проектите и за модерно Скопје, тогаш, по автоматизам, нивниот мандат ќе престане, ќе си одат на локални избори и ќе си дојдат советници кои ќе работат во интерес на граѓаните, Андоновска вели дека проблемот не е до Советот туку до градоначалникот.

Советот само носи одлуки, а одлуките треба да ги спроведе градоначалникот. Многу донесени одлуки не се спроведени. Во буџетот за 2022 можете да видите дека има многу ставки чија реализација е нула, иако си биле предвидени средства за таа намена. Арсовска не само што ја изигра довербата на ВМРО-ДПМНЕ, таа пред сѐ ја изигра довербата на граѓаните. Тие очекуваа промени, очекуваа модерно Скопје, а добија хаос. Со тоа што вели дека нема да даде оставка значи дека не сака да прекине хаосот во градот – тврди Андоновска.

По најновите случувања и протестите на приватните превозници, советничката смета дека Арсовска е должна да изнајде начин да обезбеди нормален јавен градски превоз. Но, градоначалничката на гостувањето на „Телма“ изјави дека нема намера да преговара со луѓе што уценуваат и се закануваат.

Денеска ако се попушти пред закани и уцени утре ќе си дозволи секој еден надвор којшто смета дека може со притисок да владее да им врши притисок на граѓаните да си добие нешто што не заслужува, ќе блокираат луѓе на секој чекор. Не се попушта пред уцени и закани особено кога сте во право и не може никој никому да забрани да протестира, но утре секој што има возило ќе си дозволи да го блокира градот – истакна Арсовска.

Андоновска вели дека не станува збор за попуштање и за терање инает, таа мора да најде начин да обезбеди јавен превоз за граѓаните, тоа според неа е одговорност и должност на градоначалничката.

Градоначалничката се пофали и дека наскоро ќе излезе со отчет пред граѓаните за сработените повеќе од 300 проекти.

– 300 проекти? Јас навистина не ги гледам – вели Андоновска за „Слободен печат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот