Андоновиќ: САД со притисок за решавање на косовскиот замрзнат конфликт

САД имаат се помалку трпение за играње на играта на надмудрување, а се повеќе го стегаат обрачот околу Белград и Приштина како би ги натерале да го продолжат дијалогот, анализира новинарот Дејан Андоновиќ за Утрински брифинг на „Слободна ТВ“.

За ова сведочи американската офанзива која започна со писмото на американскиот државен секретар Мајк Помпео, во кое покрај формалните честитки за избор на премиерската функција го потсети дека неговата примарна задача како претседател на влада е да ги укине 100 проценти таксите за српските производи. Ништо помалку не е ангажирана и ЕУ од каде секојдневно доаѓаат пораки кон приштинските власти да ги укинат таксите за српските производи, и да ги откочат разговорите со Белград.

Дека САД го зголемија своето интересирање за решавањето на косовското прашање покажува и конкретниот чекор, директното посредство и иницирање за воспоставување на авио-линија Белград-Приштина, како и најавата за железничко поврзување на двата главни града. За тоа време косовскиот премиер Албин Курти не отстапува од политиката на реципроцитет, признавање на Косово од страна на Белград за укинување на таксите, политика поставена од неговиот претходник Рамуш Харадинај. Но се чини дека за ваквиот ригиден став на Приштина, САД имаат се помалку слух и трпение, а како доказ за оваа теза е пораката на специјалниот американски пратеник за косово Ричард Гренел кој јавно го отфрлува условувањето и порачува дека Косово МОРА да ги укине таксите.

На администрацијата во Вашингтон им е повеќе од јасно дека без укинување на таксите не е можна деблокадата на дијалогот со Белград. Оттаму се и пораките од западните држави кои сметаат дека Приштина не може да се надева на инвестиции додека на сила се таксите.

Доколку Приштина ги укине таксите тоа ќе биде позитивен развој на настаните, а преку сообраќајното поврзување ќе дојде до нормализирање на односите меѓу Србите и Албанците.

Но каков и да биде исходот од овој притисок САД ги чека компликуван процес на посредство за нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина. Таксите се главен услов по што може да се очекува постигнување на помали договори кои водат до конечното решавање на косовскиот статус.

САД имаат дипломатски интерес да успеат да решат еден од замрзнатите конфликти во светот. Се работи за глобален тренд за решавање на историските спорови кои имаат јасна геостратешка позадина.

Сепак најтежок дел од оваа иницијатива ќе биде дилемата што да се понуди, а што ќе биде прифатливо за поголемиот дел на Србите и на Албанците.

Најверојатно тоа секако ќе бидат парите и инвестициите, односно формирање на Стабилизациски фонд кој ќе биде достапен за реализација на проекти. Парите би ги издвоиле САД, но и ЕУ би биле насочени кон двете страни за реализација на реконструкција на економскиот раст и инфраструктура.

Се чека одговор на премиерот Курти како резултат на овие притисоци. Неговата влада е само неколку дена, а веќе се соочува со сериозни притисоци да ги укине таксите. Курти е свесен дека мора да ги исполни барањата на САД и ЕУ, бидејќи знае дека без нивна поддршка Косово нема иднина. А во исто време треба да си го задржи имиџот на лидер со цврсти национални позиции, но и да ги оневозможи неговите претходници и воени лидeри да го претстават како предавник на албанските национални интереси.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот