Андоновиќ: Пандемијата би можела да трае две години – Балканците најмалку се плашат од коронавирусот

Бројни држави во светот започнаа со затварање граници, полициски час, воведување на вонредна состојба и вадење на улиците на армијата која заедно со полицијата треба да ги спроведе мерките.

Во услови кога Светската здравствена организација алармира дека пандемијата се засилува и дека се потребни поагресивни мерки за нејзино сузбивање, одредени држави се уште не сакаат да ја разберат сериозноста од оваа опасност, која не е видена во поновата човекова историја.

Сведоци сме на апели од целиот свет. Државници и политичари, јавни личности, спортисти уметници, меѓународни институции. Ако во првиот дел во војната против невидливиот непријател, на кого никој не е имун, беше фокусиран на јавни апели и обид да се натераат луѓето сериозно да разберат колку е опасен коронавирусот, сега втората фаза од борбата е негово сузбивање.

Бројни држави во светот започнаа со затварање граници, полициски час, воведување на вонредна состојба и вадење на улиците на армијата која заедно со полицијата треба да ги спроведе мерките. А тие се забрана за движење, домашна изолација за да се спречи ширењето на вирусот.

Покрај Италија и Шпанија, Германија и Велика Британија од вчера се ставени во карантин. Претседателот Трамп нареди распоредување на националната гарда во државите Калифорнија, Вашингтон и Њујорк, за кој се стравува дека судејки според брзото зголемување на бројката на заразени од коронавирусот би можел да биде нов Вухан или нова Ломбардија.

Зголемување на бројот на заразени има и во останатите држави во светот. Во Африка лидер е Јужноафриканската република, во Азија, покрај Кина со најголем број на заразени е Иран. Во Европа останува Италија, а на второ место е Шпанија. На балканот државите преземаат вонредни мерки и воведуваат полициски час за ограничувањето на движењето на граѓаните. Се регистрираат новозаболени во Србија, Турција, Босна и Херцеговина, Косово, Грција и Бугарија. Новорегистрирани од коронавирусот има и во Хрватска, која патем се соочува и со афтершокови од земјотресот кој завчера го погоди Загреб.

Во Косово се потврдени нови 26 случаи на носители на коронавирусот, со што официјалната бројка на заразени се искачи на 61 лице. Поради ова косовската влада синоќа донесе нови мерки за спречување на ширењето на заразата, меѓ другото ограничувајќи го движењето на граѓаните и приватните возила во периодот од 10 до 16 и од 20 до 6 часот.

Косовскиот претседател Хашим Тачи ги повика косовските граѓани да не ги почитуваат мерките на Владата за ограничување на движењето. Тачи смета дека со оваа мерка се одземаат со устав гарантираните човекови права и слободи, пред се она за движење. Главната забелешка на Тачи е дека премиерот Албин Курти одбива да воведе вонредна состојба во земјата, а донесува вакви ограничувања. Тој го обвини Курти дека дејствијата не ги презема за да го заштити народот, туку самиот себеси.

А дека многу работи на Балканот се атипични покажува и неодамна спроведената анкета на Галуп во која се заклучува дека Балканците најмалку се плашат од коронавирусот.

Според анкетата 70 проценти од граѓаните на балканските држави сметаат дека коронавирусот не е толку голема закана како што се претставува. Ова според истражувачите, најверојатно е резултат на фактот дека овој регион навикнат на кризи.

Вирусот е реален и нормално е луѓето да се плашат, но сепак, барем досега се уште луѓето на балканот, освен за личното здравје, не стравуваат од големи последици на пандемијата, се наведува во истражувањето на Галуп.

Инаку, проценка на експертите од Кина, кои судејки според своето искуство од коронавирусот во моментов се најрелевантни ,,паталци “ од последиците на Ковид-19 е дека пандемијата би можела да трае 2 години. Тие сметаат дека е „совршено нормално” вирусот да се појавува и исчезнува и пандемијата да трае една или две години. Сепак проценката е дека пандемијата би можела да биде запрена доколку целиот свет престане да се движи четири недели, нешто што веројатно е невозможно и неизводливо

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот