Андонов: Генерација која треба да се запише со „златни“ букви!

Фото: cev.eu

Македонската одбојкарска репрезентација дефинитивно не разочара во својот прв историски настап на Европското првенство 2019, од вкупно 24 учесници го освои 17 место и благодарение на таквите перформанси моментно скокна на 21 позиција на најновиот ЦЕВ ранкинг со 152 бодови.

Во разговор за „Слободен печат“ средниот-блокер на македонската репрезентација Иван Андонов говори околу дебитантскиот настап на континенталниот собир.

Во својата група „Ц“ во арената „Стожице“ одбојкарите предводени од селекторот Никола Матијашевиќ имаа учинок од две победи над Белорусија (3:1) и Словенија (3:1), а загубија од сега екс европскиот првак Русија (0:3), Финска (1:3) и Турција (0:3).

Малку недостасуваше нашата селекција да обезбеди пласман во осминафиналето, заслужи да биде во елиминациската фаза, ги освоија срцата на навивачите и спортската јавност воопшто.

Како го оценувате воглавно настапот на нашата репрезентација на натпреварите во Љубљана против селекциите на Финска, Турција, Русија, Белорусија и Словенија?

– Настапот би го оценил како доста успешен, задоволен сум од постигнатото. Можеби малку погрешивме со Финска, но тоа е што е, отидовме напред и ја остваривме мошне најголемата победа против финалистот Словенија. Против Турција не одигравме на потребното ниво. Русија по мене беше најголем фаворит за освојување на ЕП, но ете дадовме сè од себе и мислам дека бевме достоен противник, додека со Белорусија одигравме на врвно ниво – ни изјави Андонов.

-ПРОЧИТАЈТЕ ПОВЕЌЕ: Ѓорѓиев бара помош за Македонија да организира одбојкарско ЕП 2023

Триумфиравме над европскиот вицешампион Словенија и чекавме само уште победа на Турција против Финска за да бидеме помеѓу најдобрите 16 во Европа, но целта не се оствари.

Дали Македонија заслужи пласман во осминафиналето на ЕП, иако се чекаше во зависност од другите резултати во групата во Стожице?

– По прикажаната игра и освоените бодови заслуживме пласман понатаму, бидејќи ние бевме репрезентација која што испадна со шест бодови, за разлика од Грција која што се пласираше како четвртопласирана со три бода. Затоа мислам дека заслуживме пласман во осминафиналните мечеви.

Сметате ли дека оваа генерација на играчи може да направи уште повеќе во иднина, можеме ли да се надеваме на нови пласмани на европските шампионати?

cev.eu

– Да, сметам дека оваа генерација е „златна генерација“ и треба да се запише со златни букви. Имаме добри играчи, кои можат да го изнесат товарот, да одиграат на високо ниво и затоа мислам и верувам и понатаму на успешни пласмани на поголемите натпреварувања – додаде македонскиот репрезентативец.

Верувате ли дека ова е поттик, некаков знак дека може и одбојката да се крене во нашата земја, дека треба да се вложува повеќе и да се размислува позитивно?

– Сметам дека ова е добар повод за да се заангажираат клубовите, да почне да се работи со млади категории за да има иднина одбојката во Македонија. Има многу фирми кои можат да помогнат околу финансиите, само треба да се направи добар проект за тоа да почне да функционира.

Во полуфиналето Франција среде Париз загуби од Србија во пет сета и потоа во битката за бронзата како да го загуби моралот против Полјаците. Во големото финале со 3:1 Србите славеа против Словенија која претходно со 3:1 беше подобра од актуелните светски шампиони.

cev.eu

Сигурно со големо внимание ги проследивте завршните дуели за медалите. Како гледате на конечниот пласман: 1. Србија, 2. Словенија, 3. Полска, 4. Франција?

Србија заслужено го освои првото место, немаа ниту еден загубен натпревар, покажаа многу силна и стабилна игра, затоа им честитам. Додека Словенија се покажа како многу добар домаќин и затоа стигнаа до финалето, имаат одлични играчи со добар тренер. За Франција мислам дека беше разочарување што загубија во полуфиналето и им падна моралот во играта за третото место. Очекував од Полска многу повеќе, но ете тоа што е, тие се светски шампиони, но не можеа ништо покрај пресилната Србија – заврши Андонов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот