Анчелоти признава дека Реал има проблеми: Бевме очајни против Еспањол

Реал Мадрид влезе во серија на лоши резултати/Мадрид, Шпанија/фото: EPA-EFE/Juanjo Martin

Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти е разочаран по поразот не неговите фудбалери на гостувањето кај Еспањол.

Вториот тим од Барселона во рамки на осмото коло во Ла Лига со 2:1 го совлада Реал Мадрид, Еспањол поведе со головите на Раул де Томас и Алекс Видал, додека почесниот гол за „кралевите“ го постигна Карим Бензема.

По одличниот старт на сезоната, Реал Мадрид влезе во серија на лоши резултати,  како што беше поразот од Шериф во Лигата на шампионите и за тоа е свесен тренерот Анчелоти.

-Бевме очајни, апсолутно заслуживме да го загубиме натпреварот против Еспањол. Реакцијата пристигна предоцна и нема што да се зборува многу. Конфузно е најдобар збор со кој може да се опише играта против Еспањол – изјави Анчелоти кој е сигурен дека во најскоро време ќе се вратат работите на место и неговите фудбалери ќе победуваат.

– Репрезентативната пауза ни доаѓа во вистинско време. Мораме да видиме каде грешевме и да го смениме пристапот – додава Анчелоти.

И покрај поразот од Еспањол, Реал Мадрид е лидер на табелата во Ла Лига со 17 бодови, колку што имаат и Атлетико Мадрид и Реал Сосиедад.

 

Видео на денот