Анатомија на еден рекет

Првото што мора да се нагласи на почетокот на една сериозна анатомија на најголемиот рекет во историјата на планетата земја, рекет што со својата магнитуда ја измести од нејзината вообичаена орбитална инклинација, при што создаде нова астрофизичка катаклизма – темна материја од такви пропорции што на планетата ѝ се заканува влегување во нејзината несомерлива сенка, во помрачување од коe веќе никогаш нема да излезе; значи, првото што мора да се нагласи, е дека воопшто не се работи за рекет.

Скандалот што се заканува да ја експлодира вселената со енормно зголемување на малограѓанската темна материја, е обична измама. Рекет е кога мафијата бара пари од бизнисмените во замена за „заштита“, при што доколку не го платат бараниот „пицо“ (pizzo), мафијата им прави првин штета како опомена, за потоа на непотчинливите поединци да им го уништи бизнисот или животот, за показ на сите други. ВМРО беше таа криминална организација што системски вршеше државно-мафијашки рекет врз стотици и стотици успешни бизниси и ограби милијарди евра и уништи илјадници животи во долгите единаесет години од македонската калварија.

Насилно преземање на бизнисот и имотот

Во вмровската варијанта рекетот се комбинираше со насилно преземање на бизнисот и имотот. Жртвите беа напаѓани во „глутница“ од сите органи на фашистичката органска мафија-држава. Првин на жртвата ѝ приоѓаше режимскиот бизнис-тајкун и ѝ нудеше откуп на фирмата, а по одбивањето на „понудата“ од страна на дотогаш успешниот стопанственик, мафијата-држава го напаѓаше во глутница. На фирмата ѝ се испраќаа куп инспекции кои со огромни казни ѝ го исцедуваа обртниот капитал. Потоа, државата без образложение и надвор од законот, ги замрзнуваше сите средства што фирмата ги уплатила за концесии и користење на други јавни овластувања, за на крајот завршниот удир да го направи приватната банка – клучниот член на партиско-мафијашката глутница – која без објективна причина го повлекуваше акредитивот со кој ја следела фирмата или го раскинуваше договорот за кредит.

Со тоа фирмата веднаш стануваше несолвентна и во итна постапка ѝ се прогласуваше стечај и ѝ се доделуваше мафијашко-судски стечаен управник. Овој итно повикуваше судско-мафијашки проценител, кој го проценуваше вкупниот имот на фирмата – без оглед на неговата вистинска вредност! – точно толку колку што изнесуваше насилно создадениот долг. Така фирма што чини, на пример, 10 милиони евра, целата – со вкупниот имот – се отуѓуваше за десет пати помалата вредност на долгот, а купувачот и бенефиторот на пленот, што потоа ја „хранел“ целата глутница, беше секогаш вмровскиот тајкун што на почетокот од грабежот се појавил со рекеташката понуда.

Сум гледал со свои очи (со солзи во очите!) како вмровската државно-мафијашка глутница – во која рамо до рамо, со лесен предаторски кас, ко африкански хиени или евроазиски сиви волци, се држеа збиено –  министерствата, инспекторатите, судовите, регулаторните тела – заедно со банките и режимските бизнис тајкуни, сериски, со години, уништуваше или преземаше успешни фирми. Потоа се вселуваа во нивите имоти или ги рушеа за некоја планирана мафијашка градба, ги отпуштаа вработените и им ги уништуваа животите на ограбените стопанственици и на нивните семејства. Проценките на упатените укажуваат дека вмровската глутница наплатила пицо во кеш помеѓу 500 милиони и една милијарда евра, а дека имотот што го приграбија од оние што не сакаа да ја плаќаат „заштитата“, како и оној што го уништија, вредат повеќе од две милијарди евра.

Не се сеќавам дека против тој вмровски мегазлостор тогаш имаше каква и да е реакција на денес хистерично бучното граѓанско општество. И нема да потсетувам дека ниту еден од овие случаи до ден-денес не е судски процесуиран (а за државното обесштетување на жртвите и да не зборувам). Се подразбира и дека медиумски простор за збор или солза за целиот тој магнум кримен и за неговите жртви, во денешната медиумска рика, цика и џагор, не е можно да се најде.

Апсурдна несразмера

Несразмерата, апсурдната непропорционалност помеѓу вмровскиот злостор и тишината во која тоне, и актуелнава рекеташка афера која се презголемува во астрофизички размери, таа обратна пропорција е самата по себе одвратно голем малограѓански злостор, чијашто вкупна злобност и „политички коректна“ настрвеност е надвисена единствено од малоумието, плиткоста и тривијалноста на неговите мотиви. Со криминална афера што заслужува една колона во рубриките за црна хроника (или, можеби неколку колони, да не претерувам), веќе втор месец се цели да се покрие целиот мегазлостор на една фашистичка диктатура, да се уништи власта на народниот спас и да се трасира конфузијата, безнадежта и нихилизмот што ќе им овозможи на вмровските злосторници повторно да завладеат со нас?!

Но, таа апсурдна несразмера непогрешно укажува на нејзината прапричина, на „прималниот грев“, односно на првичниот апсурд на нашето ѓоа ослободување на „заробената ни држава“. На апсурдноста на самата идеја дека фашистичката диктатура на ВМРО (која, инаку, траеше безмалку исто колку и Хитлеровата), не е грандиозен системски злостор во кој практично учествуваше целото општество, туку тоа да ти било криминално дејствување на неколку поединци од вмровската врхушка што ни ја „заробија“ државата! Поединци, коишто ќе бидат гонети од Специјалното јавно обвинителство, посебно создадено само за да ја испорача ветената правда во библиската земја, наместо компромитираните институции на државата. Оваа апсурдна политичко-правна магија со која се создаде илузија дека за фашизмот не е виновен либералниот капитализам како систем и општеството во целина, туку вината се концентрира во неколку поединци, ја обезбеди колективната заблуда во која македонското општество глуми апсурден легализам со истите институции, со истите кадровски состави, истите изопачени закони и истите криминални управно-правни практики од децениската фашистичка диктатура, цело време очекувајќи само од СЈО да го претвори апсурдот во материја, ветениот рај во јаве.

Се разбира дека институционалното лежење на грб и чекање правдата, просперитетот и иднината да бидат донесени од еден специјален орган, додека фашистичките институции и законодавство остануваат негибнати, а сите ние како скарабеи си го тркаламе своето топче од кравја лепешка пред себе, се разбира дека тој балон мораше да пукне, а таа илузија да се распрсне. Оттаму веројатно и потекнува овој општ бес, омраза, разочарување и бучава: ние – како и многу плиткоумни тенисери – за својата структурална неподготвеност за антифашистички реформи го обвинуваме рекетот, кршејќи го во слепа јарост од земја.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот