АНАЛИЗА Регионална офанзива на српскиот претседател: Чии се вакцините на Вучиќ?

Откако 90-годишната Британка Маргарет Кинан при крајот на минатата година стана првото лице во светот што ја примило вакцината против коронавирусот, трката за дистрибуција на вакцините доби размери на технолошко-пропаганден судир зачинет со сите елементи на геостратегиско натпреварување.

Иако, барем теоретски, пандемијата треба да биде исклучиво тема на здравството, уште од почетокот беше претворена во бојно поле за влијание и примат, како во глобални така и во регионални размери.

„Вирусите не знаат за граници, но вакцините знаат“, тескобно констатира „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, бидејќи ковид-19 и вакцините ги разбудија национализмите што своите фронтови ги проширија на разни локации, и помеѓу ривалите од Истокот и Западот и помеѓу сојузниците внатре во двата блока.

Коронавирусот прво предизвика шок во Европската Унија, тестирајќи ги до максимум солидарноста и севкупната отпорност на интеграцискиот процес, а потоа вакцината предизвика нови потреси, заканувајќи се да ја турне Унијата во егзистенцијална криза, која би водела кон нејзино распаѓање.

Стратегијата за вакцинација беше полна со промашувања, вклучувајќи ја и војната со Британија по одлуката на „Астра Зенека“ наместо ветените 120 милиони дози на ЕУ да ѝ испорача само 30 милиони, за да се обезбеди и британскиот пазар. Посттрауматскиот период, сепак, навестува засилена посветеност на стратегиската автономија на Унијата на глобален план.

САД и ЕУ им ги ускратија сертификатите на Кинезите, а дури сега се на пат да им ги издадат на Русите. Украина не сака руска вакцина. Црна Гора ја одби донацијата од рускиот бизнисмен Олег Дерипаска. Иран ги отфрла американската и британската.

Пекинг со „дипломатијата на маските“ прв го препозна моментот за акција, која е осмислена за да промовира ефикасност на системот на централизирана власт и истовремено да ги ублажи критиките поради прикривањето на размерите на епидемијата кога таа избувна во градот Вухан.

Балкански „Пат на свилата“

Александар Вучиќ ја научи лекцијата од својот „брат“ Сји Ѓинпинг. Тоа што кинескиот претседател најчесто го работи по должината на новиот Пат на свилата, претседателот на Србија го применува на Западен Балкан и притоа собира пофалби во Брисел.

Како што ги користи Кина и Русија за да ја засили својата преговарачка позиција во однос на Западот, Вучиќ според истиот модел се однесува и во регионот. Во времиња кога многумина го критикуваат поради идеите за создавање „српски свет“, која се толкува како прикриен великосрпски хегемонизам, тој покрена офанзива на „вакцинална дипломатија“ низ државите од регионот што вакцините сè уште не ги добиле.

Вучиќ од почетокот крајно го политизираше ковид-19. Вирусот му послужи многу остро да ги критикува „себичните“ Европејци во деновите кога целосно потфрли елементарната солидарност во врска со распределбата на заштитните маски и респиратори, и целосно да се сврти кон Кина и Русија. Вирусот се користи за внатрешна употреба, против опозицијата.

Кога беа произведени првите вакцини Вучиќ не сакаше да открие како стасал до кинескиот „Синофарм“, американскиот „Фајзер“, рускиот „Спутник В“ и британската „Астра Зенека“. „Не ме прашувајте“, но премиерката ѝ соопшти на јавноста дека мора да се заблагодари на „натчовечките“ напори на претседателот и на неговиот углед во светот.

Сè содржеше силна нота на дипломатија: претседателката на Владата ја прими американската вакцина, претседавачот на Собранието и министерот за одбрана руската, а Вучиќ после долго одлагање се реши за кинеската, како што најави и порано.

Аура на спасител

Да се спротивставува против политизацијата на пандемијата и вакцините е коректно од етичка гледна точка, но од аголот на реал-политиката тоа е попусто. Се потврди тоа во однесувањето на САД, Кина, ЕУ, Русија, па зошто не и на Западен Балкан.

Откако прво систематски градеше аура на спасител на нацијата, Вучиќ тргна по регионот. Вешто ја искористи приликата што се укажа поради доцнењето на ветувањето од ЕУ за 70 милиони евра за регионот за набавка на вакцини.

Отпатува за Скопје и за Сараево за да донира симболично по некоја голема кутија со неколку илјади вакцини. Премиерката ја испрати во Подгорица да ѝ ги врачи првите дози на Црна Гора. Со задолжително присуство на телевизиски камери, кои режимските медиуми во Србија ги користат како ударен настан.

Никој нормален не може, а да не го пофали гестот на испраќање вакцини во соседните држави, кои, поради различни околности, толку чекаа на ветените испораки. Се покажа, не без парадокси, дека солидарноста во регионот е поголема отколку помеѓу членките на ЕУ.

Македонците рекоа дека би се заблагодариле така што на граѓаните на Србија не би им наплаќале патарини додека патуваат за Грција. Сараевчани на испораката на новите дози велат дека се спремни во знак на благодарност бесплатно да ги нагостат членовите на српската влада. Зошто на Владата?

Чија е вакцината на Вучиќ? Одлуката е на претседателот, а тој дополнително се потруди да изгледа дека се работи за личен подарок. Си закачи на градите Орден на корона од прв ред со зраци на спасителство, иако за вакцината платија граѓаните на Србија. Тоа е нивен подарок за Северна Македонија, за Федерацијата Босна и Херцеговина и за Црна Гора.

Вакцини за политички поени

Дали мотивот на претседателот е манипулативен? Тоа е опасен терен за анализа. Да се порекне без докази благородната намера на Вучиќ би било клеветење. Да се тврди дека се работи исклучиво за алтруизам би било политички наивно.

Во Федерацијата БиХ не забораваат дека Вучиќ своевремено одби помош од сараевските лекари во Нови Пазар. Властите во Приштина не ги сакаат кинеските и руските вакцини дури ни на подарок, па протестираа поради намерите на Белград да организира вакцинирање на Срби на северот на Косово.

Склоноста кон погубна политизација, пропратена со неспремноста за искреност, значително им помага на политичарите своите лични или партиски агенди да ги остваруваат и во најчувствителните моменти кога луѓето се грижат за сопствените животи. Кога вакцината се (зло)употребува за стекнување политички поени.

Дали коронавирусот ќе ги забрза регионалните нормализации и така на државите од Западен Балкан ќе им помогне на патот на европските интеграции? Би требало, ама прашање е дали ќе успее. Ништо не се случува во вакуум, вклучувајќи и интервенции за јавното здравство што би можеле да имаат несакани последици. Така и со вакцинацијата, која може да има и позитивни и негативни политички епилози.

Сите дилеми најдобро беа содржани во коментарот што го прочитав токму во овој весник. Авторот што се вакцинирал во Белград пишува: „Дали се ова има врска со политиката, дали Вучиќ ги принудил сите овие луѓе да бидат љубезни или себе си си прави пи-ар на регионална сцена, сосема е небитно. Многу им е гајле на обичните граѓани што во овој момент за себе најдоа спас од проклетата корона“.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот