АНАЛИЗА: На Сандерс му е потребно вистинско чудо за да го победи Бајден

Фото: ЕПА

Поранешниот американски потпретседател Џо Бајден ја зацврсти позицијата на лидер во трката за кандидатура на демократската партија на претстојните претседателски избори, остварувајќи победа во четири од шест сојузни држави во кои се одржани избори за демократската номинација, пишува српски „Блиц“.

Тоа беше голема победа на „мини супервторникот“, пишуваат американските медиуми. Иако останаа уште доста сојузни држави кои до јули треба да го дадат својот глас, реално гледано, трката е речиси извесно готова. Берни Сандерс може да напредува, но во овој момент му е потребно вистинско чудо за да го престигне Бајден.

Постојат три објаснувања како ова му успеа на Бајден, објаснуваат од „Блумберг“.

Прво – Барак Обама. Голема е разликата меѓу овогодинешниот Бајден и оној во претходните мандати. Кога Обама го постави за потпретседател, тој се подигна до челото на партијата. Кога Хилари Клинтон се повлече од сцената, Бајден стана очиглеен следен избор за демократите.

Второ – Бајден на некој начин заслужи како успешен потпретседател и истакнат демократ кој секогаш беше во првите редови, колку и да се менуваа работите во партијата. За време на неговата долгогодишна кариера, имаше моменти кои тој би сакал да ги заборави, но факт е дека во демократскиот табор има добра репутација.

Третото објаснување го вклучува и елементот на чиста среќа. Пред се, многу рано се откажаа силните кандидати. Мајкл Блумберг, кому се предвидуваше голем успех направи кардинална грешка кога ги прескокна државите во кои првенствено се гласаше. Кога стана јасно дека изборот ќе остане на нему и Сандерс, демократскиот естаблишмент, очекувано, застана зад Бајден.

На изборите влијаеше и коронавирусот. Имено, се покажа дека во државата Вашингтон, која е најтешко погодена во САД од новиот вирус, гласачите загрижени поради епидемијата како свој избор го наведоа Бајден. Во Мичиген гласачите на прашањето кој подобро би управувал со криза во случај на епдемија – го наведоа Бајден.

Зошто Сандерс сепак оствари успех?

Прогнозите сега се на страна на поранешниот американски потпретседател, но без оглед на резултатите на внатрепартиските избори кај демократите, впечатокот е дека Сандерс ја потресе политичката сцена во САД, отворајќи многу прашања кои ќе ја надминат актуелната трка за претседател на државата.

Проблемите кои за време на кампањата Сандерс ги означи како суштински, во следните години ќе го одредат правецот во кој внатрешната политика на САД ќе се движи, наведено е во анализата на сајтот americki-izbori.rs.

Едно од тие прашања е економијата. Трендот на растечката глобална нееднаквост не ги заобиколи ниту САД. Се поголем е бројот на Американци кои го поставуваат прашањето како е возможно неколку проценти на жители во САД да контролираат 70 или 80 отсто од богатството на најголемата светска економија.

Сандерс е означен како главен противник на политиката на остра поларизација во економска смисла. Својата кампања ја насочи против претставниците на крупниот капитал и големите финансиски корпорации, како и против строгите регулативи на банките. Она што е интересно, Сандерс е еден од ретките кои отворено се спротистави на економскиот статус кво. Успеа да ја разбуди свеста кај луѓето дека економијата може различно да се организира, а банките да немаат екслузивно право на вистината. Поддшката која ваквиот економски програм ја доби може да претставува вистински предизвик за естаблишментот во САД.

По изборите во 2016 година, на Сандерс му беше замерено тоа што не е во состојба да ја прошири својата партиска база која би вклучувала различни слоеви на општеството. Меѓутоа, во кампањта за овие избори го покажа спротивното. Покрај „миленијалците“ кои го претставуваат столбот на поддршката на Сандерс, тој својата база ја прошири со Афроамериканците, Латиноамериканците, па дури и во еден дел постарите граѓани на САД, кои традиционално не го поддржуваат сенаторот од Вермонт.

Често се пишува дека Сандерс најмногу го поддржуваат граѓаните меѓу 18 и 28 години. Тие не се само гласачи, туку иднината на САД, констатираат во анализата објавена на „Блиц“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот