АНАЛИЗА: Четири големи прашања за иднината на Сирија

Фото: Профимедиа

Неочекуваното повлекување на Американците од северните делови на Сирија минатата недела принуди враќање на некои стари сојузи и отвори нова фаза во осумгодишната војна во земјата.

Кога станува збор за Сирија, една работа која е извесна е неизвесноста, но одговорите на следните четири прашања ќе имаат клучна улога во обликувањето на иднината на оваа земја, пишува „Њујорк тајмс“.

Кој ќе го контролира североистокот на Сирија?

Деловите на Сирија во кои ситуацијата беше релативно стабилна од март оваа година, кога е поразен самопрогласениот калифат на Исламската држава (ИД), повторно западна во хаос.

Неочекуваното повлекување на американските сили од североисточна Сирија минатата недела означи нова етапа во осумгодишната војна, а една сила набрзо ја заменија други две – сириските и турските.

Пред нешто повеќе од една недела, речиси една третина од Сирија беше под контрола на сириската милиција предводена од Курдите со поддршка на САД, т.н. Сириските демократски сили (СДФ), кои одиграа круцијална улога во поразот на ИД во Сирија.

Сепак, американскиот претседател Доналд Трамп на 6 октомври на Турција и даде зелено светло да ја помине границата и да ги нападне Курдите.

На Турција подолг период американскиот сојуз со СДФ и беше „трн во око“, а врвот на милицијата беше тесно поврзан со курдската група која со години во земјата на Ердоган предводеше бунтови, па затоа таа за Турците претставува терористичка организација.

Турција настојува да формира безбедносна зона, такашто ќе ги прогони курдските сили од подрачјето во опсег од 30 километри од границата, внатре во сириската територија.

Најмалку 100.000 луѓе побегнаа од регионот поради нападот на Турција.

И лидерите на милицијата, останувајќи без поддршката на досегашните сојузници, помош побараа од сириската влада која е во непријателски односи и со Турција и со САД. Курдите викендов соопштија дека постигнаа договор со кој силите на сириската влада кои повторно ја заземаа областа која претходно им ја препуштија, кога во земјата се војуваше на други фронтови.

Неочекуваната промена на настаните неминовно носи нови ризици, а нестабилноста и насилството прогресивно напредуваат. Турција се обидува подлабоко да влезе во курдската територија, со помош на сириските опозициски борци кои главно се Арапи и Туркмени, што дополнително ја засилува можноста од етнички судири.

Покрај територијалните прашања, овде станува збор и за судбината на четири милиони Сиријци на кои СДФ им овозможи засолниште од репресиите на ИД и сириската влада која ги бомбардираше сопствените градови и однесе десетина илјади луѓе во затвор, за да ја одржи својата позиција на моќ.

САД, од друга страна, на Турција и испраќаат двосмислени сигнали, додека експертите наведуваат дека Америка со тоа што воопшто и дозволи на Турција да ја започне акцијата, практично ја завршила заштитата за Курдите.

Како ова ќе се одрази на Курдите?

Губењето на американската поддршка на Курдите им нанесе силен удари и нивните надежи дека ќе успеат да задржат одреден степен на автономија веќе не се толку реални. Тие ја загубија и позицијата во преговорите за иднината со Турција или со сириската влада.

Прашање е точно каков договор Курдите постигнаа со сириската влада, бидејќи двете страни понудија различни толкувања за него.

СДФ рекоа дека договорот предвидува дозвола на сириските сили да влезат на своите подрачја и да ги постават сириските знамиња за да ги запрат нападите на Турција, но и дека ќе ја задржат својата воена стурктура и контрола над локалните управни совети.

Сириската влада, од друга страна, соопшти дека бара од СДФ да ги прегрупира своите сили и борците да ги приклучи на борбените формации предводени од Русија како што е Петата дивизија, која меѓу другото, ја сочинуваат сириските бунтовници кои се предадоа.

Курдските лидери кои во САД никогаш немаа потполна доверба и поради тоа задржаа отворени канали кон Москва и Дамаск. Меѓутоа, токму Дамаск има историја за репресија над Курдите, а владата на претседателот Башар ал Асад не е позната по компромиси и договор: во областите кои ги зазема, бараше комплетно предавања без исклучоци, а оние кои пружаа отпор или бараа автономија безрезервно ги казнуваше.

Иако има луѓе кои веруваат дека Курдите ќе се снајдат во оваа ситуација, во областите со мнозинско арапско население, владее страв. Тоа отвора врата за зголемување на вооружените групи, па дури и екстремистите.

Што е со цивилите?

Повеќе од 100.000 цивили – од кои многумина се раселувани во повеќе наврати – веќе ја напуштија пограничната зона која Турција ја напаѓа. Патиштата надвор од големите градови се блокирани, а цели семејства не знаат каде всушност да одат. Патиштата во Турција исто така се блокирани.

Некои се обидуваат да пребегаат во курдските подрачја во Ирак, други на територијата на СДФ на југот каде во тек е преместување на бегалските кампови. Двете области веќе се уништени по долгогодишните војни и борби со ИД и немаат многу што да им понудат на бегалците. За работите да бидат уште полоши, мировниците се повлекуваат од североистокот на Сирија затоа што повеќе не успеваат да допрат до ние на кои помошта им е најпотребна.

Веќе се забележани случаи на повреди и страдања на цивилите, а ако Курдите во СДФ одлучат да започнат бунт против Турците, ситуацијата ќе стане уште поопасна.

Турција исто така соопшти дека сака на сириската територија да создаде погранична безбедносна зона, во која ќе протера 3,6 милиони сириски бегалци кои се наоѓаат на нивна територија. Таков чекор би претставувал кршење на меѓународното право, а овие претежно рурални области немаат капацитет да примат толку бегалци.

Ќе се врати ли Исламска држава?

Минатонеделниот хаос придонесе до појавување на две потенцијални закани од редовите на Исламската држава (ИД): бегство на нивните борци кои се задржани во камповите, но и повторна активација на ќелиите кои тајно извршуваат операции на шпионажа и саботажа.

На териториите на СДФ се задржани илјадници борци, меѓу кои и 2000 странски државјани чии матични земји одбиваат да ги примат назад.

Одреден број на затвори, како и камповите во кои се наоѓаат илјадници мажи, жени и деца од области кои претходно ги држеа ИД, лоцирани се внатрешноста на безбедносната зона во опсег од 30 километри. Турција сака во оваа зона да воспостави контрола.

Освен европејците, голем број на Арапи стравуваат од враќањето на Исламската држава. Сепак, постои можност контрола да воспостави сириската влада која би можела да ги натера да поддржат некоја друга алтернатива, без разлика што станува збор за екстремисти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот