Ана Здравковска – Илиевска: Целиот живот е магија, само треба да знаеме да ја дозираме таа магија!

Се сеќавате на популарното телевизиско лице, Ана Здравковска – Илиевска? Се разбира дека се сеќавате, а веруваме и дека ви недостига на малите екрани. Но, веќе подолго време, нејзиниот фокус е едукација и работа со млади и работа во туризмот. Ана е доктор на комуниколошки науки, визитинг вонреден професор на „МИТ Универзитет“ по група предмети од областа на односи со јавноста и менаџмент на комуникации и раководител на сектор во „ЕЛЕМ ТУРС“. Со други зборови, ем успешна и паметна, ем убава жена.

Ти недостига ли телевизискиот свет? На кој начин ја компензираш таа магија? 

– Целиот живот е магија…Само треба да знаеме како, кога и колку да ја дозираме таа магија. Секое време има своја убавина. Телевизијата секогаш ќе биде кристално чиста коцка љубов. Со текот на времето таа коцка љубов и пасија ја наоѓате и во останатите ангажмани. Сега мојата магија се моите студенти, патувањата, планините, семејството, луѓето со кои со децении се дели среќата и тагата.

Уште си толку убава, како успеваш да останеш во хармонија со убавината и спокојството со кое зрачиш?

– Убавината е минлива физичка категорија. Сè останато е состојба на умот.

Кои денешни теми најмногу нè мачат, каде жените треба да го кренат својот глас?

– Денешницата е значителен предизвик и искушение речиси за сите генерации. Секоја генерација има свои теми на неразрешница, дилема и вечни прашања. Младите се тема што треба да нè окупира. Ги воспитавме ли доволно? Ги едуциравме ли вистински? Ги знаат ли трајните вредности? Почитуваат ли? Што им покажавме? Што им дадовме? Што им оставивме? Ги оставивме ли самите на себе си? Зошто секогаш недостасува време, за нив, за оние на кои најмногу им требаме. Недостасува ли мајката во домот? Недостасува ли таткото? Ете, тука треба жените да го кренат својот глас. За семејството, за себе, за сите.

Во што би ги охрабрила младите девојки?

– Да не дозволат никој да им го украде или скрши сонот, да не се откажуваат на првата пречка и конечно да им дозволат на мажите да ги почитуваат како дами, да покажат потреба за внимание и љубов која не моли, не се гордее и не завидува.

Колку килограмите плус, особено во зрелите години, се знак на евентуална фрустрација или пак, можеби, на женственост? 

– Килограми….зарем сè уште некој се занимава со толку неважни работи? „Сè свое со себе си носам“ – тоа е убавината на зрелоста.

Да ни препорачаш еден рецепт, домашен третман за нега, по твој избор, што ти го практикуваш? 

– Најдобриот рецепт за нега на душата и телото е чај и мноогу љубов.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот