АМСМ: Завршува обврската за поседување на зимска опрема во возилата
Обврската за задолжително поседување на зимска опрема во возилата што беше воведена на 15 ноември лани, завршува денеска. Од Автомото Сојузот на Македонија (АМСМ) информираат и дека сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и за излез од државата.
Се препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.