Aмнестии, амнезии и (не)правна држава

Фото: МИА

Барањето за амнестија за осудените за 27 Април не носи до темата за вечната македонска амнестија

Додека деновите броиме кого однеле да служи казна во Идризово, кој останал во домашен притвор, кого осудиле а кого ослободиле за дела стари по 10 години, во јавноста повторно се појави повикот за ослободување на осудените за 27 Април.

Темата овој пат ја реактуелизира лидерот на Левица, пратеникот Димитар Апасиев кој напиша дека за упадот во американскиот конгрес е изречена казна од 18 месеци, а не од 18 години, веројатно алудирајќи на осудените за упадот во Македонското собрание.

Употребата на овој квазиаргумент за одбраната на осудените за упадот во Собранието не е прв пат, истата теза ја кажа и претседателот на “Единствена Македонија” Јанко Бачев во ТВ дебата, употребувајќи ја истата американска пресуда како аргумент. Но манипулацијата во овие тези на Апасиев и Бачев е во тоа што не кажуваат дека за упадот во Американскиот конгрес се обвинети преку 520 луѓе, и тоа речиси сите за повеќе федерални обвиненија каде казните се движат од 7 месеци до 17 години.

Веднаш после упадот американското ФБИ се изјасни дека според нив овој случај е класичен чин на “домашен тероризам”, што е истото обвинение под кое се осудени и насилниците во Македонското собрание. Оние кои ги споредуваат овие два настани исто така не кажуваат дека упадот на 27 Април е далеку понасилен и покрвав од упадот во Американскиот конгрес, а фактот што во Вашингтон сепак имаше повеќе човечки жртви се должи на тоа што американската полиција употреби оружје против оние кои се обидуваа да влезат за разлика од македонската полиција која се поздравуваше со насилниците под качулки.

Во Американскиот конгрес немаше физички напад врз ниту еден Конгресмен, друг припадник на администрацијата или новинар, за разлика од Македонското собрание каде имаше многу крвави глави и повеќечасовна опсада и физички напади врз тогашното мнозинство во Собранието.

Треба да се знае и дека во американскиот случај сепак обвиненијата не се водат како тероризам, бидејќи американското правосудство нема правна категорија “домашен тероризам” и обвинетите се судат според делата што ги направиле.

Но барањето за амнестија за осудените за 27 Април не носи до темата за вечната македонска амнестија. Во Република Македонија често се носеа формални амнестии или преќутни ослободувања од казна за сторени кривични дела од самото осамостојување. Таквата пракса ја продолжи и Северна Македонија со фамозната амнестија за гласањето за уставните измени.

Ако кон амнестиите, аболициите ги додадеме и неколку пати носените закони за легализација на дивоградби тогаш слободно може да кажеме дека ние сме држава во која почитувањето на законите и казната имаат временски рокови кои се движат од извршување на кривично дело до амнестија за истото.

И тие амнестии и аболиции по правило се носат за звучни кривични дела за познати личности, најчесто од сферата на политиката, додека не може да се каже дека истото правило се применува и врз извршителите на кривични дела кои не се толку познати во јавноста. Ако казната за сторено кривично дело треба да служи и како превенција за истото да не се направи, кај нас тоа е невозможно.

Едноставно знаете дека со помош на влијание и финансиска моќ речиси сигурно ќе успееете да не одите во затвор. Единствено ова правило не важи кога во целата игра ќе се замеша меѓународната заедница, тогаш едноставно работата мора да се тера до крај, но тоа е само уште еден доказ дека земјава нема функционален правен систем туку сет на преседани и исклучоци кои го потврдуваат правилото на неказнивност на висока корупција или криминал со политички шмек.

И последниот предлог закон за легализација на дивоградби е продолжение на истата пракса, едноставно се што се градело нелегално преку ноќ ќе успее да се легализира, така исто преку правејќи ги глупави сите граѓани кои се обидувале да градат чесно, почитувајќи ги законите.

Но да биде парадоксот уште поголем, од истиот момент кога би се донел и новиот закон може слободно да се продолжи да се гради на диво, чекајќи се нова легализација за десетина години. И така ние се вртиме во круг, амнестии, аболиции, амнезии, легализации, неправда колку сакаш, закони никаде. Затоа не може да се замери на сограѓаните кои одат во држави кои имаат функционални правни системи бидејќи дома нема надеж дека нешто би се сменило.

Видео на денот