Амнести Интернешнл: Стотици странски работници се враќаат од Катар без плата

Фото: Профимедиа

Стотици работници мигранти се вратиле дома без плата од Катар и покрај ветувањата во заливската земја за подобрување на работните услови, соопшти денеска организацијата за заштита на човекови права Амнести Интернешнл.

Катарските власти формираа комитети за решавање на работните спорови, како дел од реформите пред Светското првенство на ФИФА, кое ќе се одржи во Катар во 2022 година.

Но, Амнести тврди дека во последните неколку месеци стотици странски работници вработени во три фирми за градежништво и чистење во Катар се вратиле без плата.

Групата со седиште во Лондон соопшти дека следела повеќе од 2.000 лица кои работеле во трите компании, и не добиле плата неколку месеци. Компаниите тврделе дека имаат финансиски проблеми и на крајот престанале со работа и ги прекинале договорите.

– Работниците мигранти честопати одат во Катар со надеж дека ќе им обезбедат подобар живот на своите семејства. Наместо тоа, многу луѓе се враќаат дома без плата, откако со месеци ги бараат своите плати, со премалку помош од системите кои треба да ги заштитат, изјави заменик-директорот на Амнести за глобални прашања, Стивен Кокбурн.

Минатиот октомври, Катар објави дека ќе воведе фонд за поддршка на трудот за да обезбеди компензација. Речиси една година подоцна, тој се уште не функционира, истакна Амнести Интернешнл.

Властите на Катар, каде работат околу два милиони работници мигранти, не ги коментираа информациите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот